Во Бугарија рекорд во ковид-бројките, најмалку вакцинирани во ЕУ
Бугарија денеска пријави рекорден број дневни смртни случаи и инфекции од коронавирусот, а четвртиот бран на болеста се заканува да го урне здравствениот систем во оваа најмалку вакцинирана членка на Европската Унија.
Бројот на новите инфекции во претходните 24 часа достигна 5.863, додека 243 лица починаа од последиците на ковид-19, покажуваат официјалните податоци, пренесува Ројтерс.
Соочена со растечките инфекции и бавната вакцинација, Бугарија со седум милиони жители и 23.316 починати од ковидот од почетокот на пандемијата, воведе задолжителни здравствени пропусници за повеќето затворени јавни простори.
Новите ограничувања предизвикаа протести, а некои политички партии ја обвинуваат привремената влада дека не успеала да се справи со пандемијата во пресрет на парламентарните избори од 14 ноември.
Здравствените власти предупредуваат дека неуспехот да се забави новиот бран на болеста би можел да предизвика построги ограничувања, зашто болниците се борат со сѐ поголемиот број пациенти со ковид-19.
Според денешните податоци, повеќе од 7.100 лица се наоѓаат во ковид-одделенијата на болниците, од кои 608 се на интензивна нега, а повеќе од 90 отсто пациенти не се вакцинирани.
Бројот на вакцинираните, кои ги има само 24 отсто кај возрасната популација, во однос на 74 отсто што е просек во ЕУ, се зголеми од минатиот четврток, кога властите, меѓу другото, го ограничија пристапот во рестораните, кината и теретаните само за тие што се имунизирани, оздравени од вирусот или имаат негативен тест на ковид-19.