ВМРО-ДПМНЕ ОБЈАВИ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ, ОПОЗИЦИСКИОТ ФАВОРИТ ЗА СКОПЈЕ ГО НЕМА
Партиите продолжуваат со кроењето на кандидатските листи за градоначалници за престојните Локални избори.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска со нови 19 имиња на кандидати од кои меѓу попознатите имиња во Куманово ќе го кандидираат актерот Тони Михајловски, во Охрид пратеникот Кирил Пецаков, во Бутел Дарко Костовски.
Од поновите имиња пак Димчо Атанасовски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во општина Македонска Каменица, Елеонора Рашковска за општина Берово, д-р Мевмед Џафери, општина Ростуше.
Во меѓувреме продолжуваат внатрепартиските анкети за избор на кандидат за Скопје, а не се исклучува можноста тоа да биде име кое ќе го поддржи и албанскиот опозициски блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Официјално од познатите имиња за кандидати за град Скопје до сега се Ана Петровска од коалицијата „Зелен хуман град“ и актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов кој повторно ќе ја бара довербата на скопјани за нов мандат од редовите на СДСМ.
Социјалдемократите, пак, до сега како официјални имиња ги потврдија Филип Темелковски во Кисела Вода и Велимир Смилевски во Бутел, како и актуелните градоначалници на Штип и Охрид, Сашко Николов и Константин Георгиески, кои исто така, пак ќе бидат кандидати на СДСМ од партијата, додаваат.
Останатите ќе бидат познати најдоцна до 25. август.
Она што е познато засега е дека ДУИ со Висар Ганиу, Рамиз Марко и Блерим Беџети повторно ќе трчаат во Чаир, Струга и Сарај откако веќе потврдија дека имаат 19 кандидати. Исто така е познато и дека со коалициските партнери Беса и СДСМ ќе имаат и заеднички кандидати во првиот или во вториот круг во одредени општини.
Од албанскиот опозициски блок, односно Алијансата за Албанците и Алтернатива со старо-новите кандидати ќе трчаат во Гостивар, Дебар и Чаир, односно Арбен Таравари, Беким Поцеста и Беким Салиу, а има консензус за старо-новите кандидати и во Врапчиште и Боговиње.
Во Теарце, пак, се повеќе се разгледува опцијата за кандидат кој е стопанственик од Швајцарија, односно доаѓа од дијаспората. Неофицијално како кандидат за Тетово се споменува инфектологот Илир Демири.
Левица, пак, веќе се изјаснија дека настапуваат сами на избори и дека се во тек интерпартиските подготовки по локалните ограноци пред официјално да излезат со имињата на сите кандидати.