ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски има уште пет дена да се премисли и да се согласи на лидерска средба за предвремени избори

Од опозицијата ги обвинуваат СДСМ и ДУИ дека се креатори на сите кризи и дека тие не можат да бидат решение туку само ги продлабочуваат кризите, па затоа сметаат дека се потребни и избори
По синоќешната одлука на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада на Собранието од 10 мај, од опозицијата денеска ѝ порачаа на власта дека има уште пет дена да си го преиспита однесување, а премиерот Димитар Ковачевски да се предомисли и да седне на лидерска средба со Христијан Мицкоски за да се договори датум за предвремени парламентарни избори.
„Оваа ситуација во која е државата не смее да трае долго, зошто последиците од криминалот, корупцијата и неспособноста на владата се огромни. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон активна блокада на Собранието, а со цел предизвикување лидерска средба на која ќе биде договорен датум за предвремени парламентарни избори, и ќе се пристапи кон изнаоѓање на решенија во клучните сектори во кои ВМРО-ДПМНЕ понуди тимови. Тоа се секторите финансии, здравство, образование и секако меѓународните односи, европските интеграции и проблемот којшто Македонија го има со Бугарија. Ковачевски има доволно време до 10 мај да се предомисли и да пристапи кон организирање на лидерска со цел дефинирање на датум за избори“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата ги обвинуваат СДСМ и ДУИ дека се креатори на сите кризи и дека тие не можат да бидат решение туку само ги продлабочуваат кризите, па затоа сметаат дека се потребни и избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во пресрет на седницата на ИК на која се одлучуваше за активна блокада, објасни дека тоа ќе значи блокирање на сите закони во парламентот освен оние што значат повисоки плати и пензии за граѓаните.
По синоќешната седница на партиското раководство, потпретседателот на партијата Александар Николоски, исто како и Мицкоски, порача дека ова е само прв чекор.
„Оваа активна блокада ќе трае во континуитет се до договорот за датум за парламентарни избори. Ова се првите чекори, а потоа ќе продолжиме да разговараме за идни чекори, при што сите опции се на располагање. Затоа, СДСМ и ДУИ ги повикувам да го преиспитаат своето однесување, ние ќе одиме по овој пат до крај, сè до конечно менување на грдата реалност“,
изјави Николоски.Од СДСМ, пак, вчера ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека во време на економска и енергетска криза кога во светот се случува обединување на партиите за помош на граѓаните, таа води деструктивна политика. Исто така, порачаа и дека со своите разумни партнери по секоја цена ќе ги надминат блокадите од опозицијата.