ВМРО-ДПМНЕ во недела гласа за Мицкоски и усвојува нова доктрина
Над 500 делегати во недела ќе го бираат новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата потврдуваат дека засега единствен кандидат е актуелниот лидер Мицкоски, но рокот за пријавување трае до самиот почеток на конгерсот, а можност да се кандидира има секој член кој ќе добие потпис од најмалку 30 делегати.
На конгресот ќе биде усвоена и нова доктрина, документ според кој партијата ќе работи во следните 4 години, која се темели на владеење на правото, заштита на македонскиот идентитет, развој на образованието, подобро здравство, зајакнување на пазарната економија, проактивност во членството во НАТО и забрзување на интеграцијата во Европската Унија преку почитување на јазикот и идентитетот.
Основна цел на ВМРО-ДПМНЕ во овој временски момент е кај граѓаните да ја возобнови надежта дека може да се живее добро дома во Република Македонија. Секој обид за отворање дискусија за идентитетските прашања и карактеристики на македонскиот народ, по автоматизам води кон проблематизирање на македонската самобитост и единственост, а партијата и натаму ќе се бори за праведноста и почитта кон државата во меѓународните односи, стои во документот кој ќе се усвои во недела.
По конгресот ВМРО-ДПМНЕ најавува и избор на нови партиски органи и кадровско освежување, но детали ќе се објавуваат откако ќе биде избран новиот лидер.
Речиси истовремено во недела нов лидер ќе избира и владејачката партја, по повлекувањето на Заев од функцијата.
Тројцата кандидати Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски секојдневно ја промовираат својата програма која во најголем дел се темели на партиско обединување, по резултатите на локалните избори.