ВМРО ДПМНЕ бара со свој обвинител да ја смени Вилма Русковска

Премиерот Заев го одби предлогот на ВМРО ДПМНЕ опозицијата да номинира нов шеф на Обвинителството за организиран криминал, на местото на Вилма Русковска, а не да се формира ново обвинителство кое ќе гони висока корупција на избрани функционери.
„Треба да се задржи да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство, да нема нови хибридни решенија, а самото преземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон за истото, да вклучат и избор на новиот обвинител за организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога“, рече Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.
Според предлогот на ВМРО ДПМНЕ, опозицијата има право двапати да избере една личност од кандидатите што се пријавиле и ако нема согласност од власта, опозицијата и власта заеднички да договорат еден кандидат. Ако не се договорат, тогаш опозицијата да го задржи правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители. Кандидатот освен обвинител, би можело да биде и професор.
За власта предлогот не е прифатлив.
„Не треба да дозволиме – седнале лидерите, партиите кога ќе им текне за да менуваат обвинители. Вилма Русковска има мандат од четири години, досега е обвинител десет месеци. Вилма Русковска води многу предмети, лично таа и нејзиното обвинителство. Едни се настаните од 27 април и многу други и тоа е уште една причина буквално да не испраќаме порака дека политичарите меѓусебе тајно на работни групи се договараат каде што има допирни точки, таму каде што е недозволиво, а тоа е во делот на независното правосудство, рече Заев.
Оваа недела се очекува да има нова средба на работните групи меѓу власта и опозицијата за новиот Закон за Јавно обвинителство.