Власта продолжува да ја турка идејата за недела – неработен ден, предлог законските измени се готови

Министерствата за економија, земјоделство, транспорт и врски и информатичко општество и администрација имаат обврска за седум дена да одлучат кои дејности нема да може да работат во неделите. Првичната верзија од измените на Законот за работни односи е готова и пратена до министерствата. Сега и тие треба да направат измени на закони кои се под нивна надлежност, а потоа да одлучат за кого неделата како ден ќе биде неработен, но и колкава дневница треба да добијат вработените кои ќе работат на овој ден.
„Пред сè говорам за угостителство, за трговија, за туризам. Тоа се области кои се предмет во регулирање во Министерството за економија. Дополнително, Министерството за транспорт и врски ги регулира областите во делот на јавниот превоз кој функционира и во недела, околу тоа колкав ќе биде опфатот дали сите ќе работат непрекинато како во обичен работен ден…“,, рече Јагода Шахпаска министерка за труд и социјална политика.