Како што беше и најавено, Владата денеска ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.. Утврдила дека поскапувањата биле неоправдани..
За брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари, што значи дека вкупната производна цена на еден леб е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ….
-Ова е пресметката на Бектеши зошто лебот треба да се продава по цена од 33 денари. За дополнитено да ја потврди тезата – презентираше и споредба на цените на горивата, струјата, како и на брашното во големопродажба од ноевмри лани до февруари годинава.
Како аргумент плус го наведе и тоа што ист леб се продава по драстично различни цени низ земјава – од 28 до над 45 денари..
„Не е фер и не е транспарентно да се кажуваат невистинити податоци затоа што проверено е од сите надлежни институции и претседателот на групацијата, еден од двајцата кој излезе на прес конференција, како сопственик на една од најголемите компании која произведува леб има цена под 33 денари на бел и полубел леб. Тоа е утврдено согласно сите проверки од Државен пазарен инспекторат. Затоа да не креираме хистерија кај граѓаните.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија
Цената на белиот и полубел леб ќе остане замрзната до 31ви мај, а ефтина државна струја фирмите нема да добиваат од 1ви април.
Премиерот Ковачевски потенцира дека нема да дозволат ниедна компанија во време на криза да профитира на грбот на граѓаните.
„Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат зашто помошта од државата беше навремена и реална. Иако прехранбените компании добиваа субвенционирана струја, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи.“ истакна Димитар Ковачевски, претседател на Влада
Пекарите пак вчера тврдеа дека ако се замрзне цената тие ќе нижат загуби од 3 до 15 илјади евра дневно и соопштија дека едногласно донеле одлука да го запрат производството на леб.