Владата не успеа да се договори со банките да се пролонгира рокот за 6.000 денари државна помош
Владата не успеа да склучи договор со банките за да се пролонгира рокот за 6.000 денари државна помош, што истече вчера. Ова значи дека сите граѓани кои не ги ажурирале своите лични податоци или не успеале да отворат нова сметка во банка, во моментов нема да можат да ја добијат оваа финансиска помош. Од владата велат дека во текот на вчерашниот ден голем дел од граѓаните, кои се наоѓаат на списокот, ги ажурирале податоците.
„Парите ќе им бидат исплатени на сите на кои им се потребни, и ќе можат да ги користат за лични трошоци/потреби.Во врска со отворањето нови сметки за граѓаните со блокирани сметки, потсетуваме дека процесот се спроведува преку банки кои имаат технички можности за ова и плаќањето се врши без никакви проблеми. Обработката на 70 илјади поплаки поднесени од граѓани кои не беа на списокот на приматели е во завршна фаза”, велат од Владата.
Но, Владата не прецизираше колку граѓани останаа со празни раце без оваа помош иако биле на списокот! Според Законот за финансиска поддршка, до 25 декември сите средства требаше да бидат префрлени на категориите самохрани родители, деца без родители, невработени кои се пасивни баратели на работа, естрадни и други уметници, како и постари лица со ниски пензии. Комерцијалните банки најавуваат дека ќе постапат во согласност со законот и ќе ги вратат неискористените средства во државната каса.
“Доколку податоците не се ажурираат, средствата од финансиската поддршка нема да бидат распределени на нивната сметка, а во согласност со одредбите на Законот, на 26 декември ќе бидат вратени на сметката на Владата”, наведуваат комерцијалните банки.
Оваа поддршка од „Пакетот 4“ за антикризни мерки вклучува околу 300 илјади граѓани и издвоени се 27,6 милиони евра од буџетот.