Владата доби позитивна оценка за зголемена транспарентност во управување со јавните пари
Граѓански буџет, отворени финансии, јавен долг се дел од алатките кои овозможија земјава да стане лидер во Западен Балкан во управувањето со јавните финансии.
Националниот монитор за реформи во јавната администрација во периодот 2019 -2020 објавен од институтот за европска политика покажува дека креирањето на овие апликации и веб страници преку кои се следи располагањто со парите на граѓаните се важни чекори за подобрување со состојбата за управување со јавните финансии.
Извештајот нотира дека најголем напредок во однос на претходниот извештај има во делот на отчетност и транспарентност на Владата. Наодите од извештајот покажуваат дека се забележува подобрување во делот на проактивното информирање на јавноста од страна на институциите. Се истакнува фактот што сите институции ги објавуваат документите, законите и прописите од својот сектор и тие информации се лесно достапни за граѓаните. Во анкетата спроведена за потребите на истражувањето, мнозинството од граѓанските организации потврдиле дека информациите од јавен карактер кои ги барале, ги добиле во предвидениот рок, бесплатно и во бараниот формат. Од ЕПИ потенцираат дека овие извештаи се објавуваат редовно и на разбирлив и небирократски јазик.
Она на што дополнително треба да се работи се годишните буџетски извештаи кои треба да содржат нефинансиски информации за работењето на Владата. Препорака на ЕПИ е да се зајакнат административните капацитети за внатрешна ревизија и редовно да се објавуваат нивните извештаи за јавноста и собранието да имаат увид во нив. Препорака е во наредниот период и Државниот завод за ревизија да ја зајакне промоцијата на својата работа за нивните наоди за трошење на јавните пари да станат подостапни за јавноста.