Владата да не го залажува народот, струјата нема да поевтини!
Од Владата уверуваат дека од Нова година струјата нема да поевтини, а најавуваат и можно намалување на цената на струјата. Според експертите нема логика струјата да не поскапи и покрај тоа што последниве денови увозот на струја се зголемува, а од почетокот на наредната година се очекува ДДВ-то за струјата да се зголеми од 5 на 10 отсто. Од ЕСМ потврдуваат дека овој месец потрошиле повеќе и увезле повеќе струја отколку што планирале. Увозот на струја се очекува да се зголеми наредните месеци поради зголемената потрошувачка како резултат на зголемениот број на компании кои ќе се снабдуваат преку ЕСМ Продажба и ќе плаќаат поевтина струја.
Експертите тврдат дека домашното производство не може да се зголеми во услови кога енергетските капацитети се во ремонт, а дел од блоковите не работат. И покрај најавите дека во декември треба да проработат РЕК „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“, неизвесно е дали тоа ќе се случи. Слична е ситуацијата и со РЕК Битола каде што нема шанси третиот блок за кој сè уште се чека трансформаторот да проработи пред Нова година.
Проф. д-р Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, за ВЕЧЕР вели дека изјавите на власта се контрадикторни и оти нема логика цената на струјата да се намали.
-Секој разумен човек ќе сфати дека тоа е само фалење. Не може во услови кога цената на струјата на берзите расте, а ние купуваме струја да очекуваме намалување на цената. Може да се намали неколку месеци, но за тоа Владата многу ќе се задолжи. Земаат кредити и му ги даваат на АД ЕСМ за да купува струја изјави Димитров.
Тој додава дека енергетските капацитети се во деликатна состојба. ТЕЦ „Неготино“ е во ремонт и има проблеми со генераторот, а „Осломеј“ треба да се поправи.
И од извори од РЕК „Битола“ дознаваме дека работите не се такви како што се прикажуваат во јавноста. Оттаму велат дека нема шанси до Нова година да профункционира третиот блок за кој сè уште се чека трансформаторот. И откако ќе стигне трансформаторот, треба време тој да се инсталира, да се изврши тестирање за техничката исправност, па дури потоа да се стави во функција, а за тоа треба време.
-Владата да не ги залажува граѓаните, бидејќи цената на струјата нема да се намали. Не може да се намали кога на берзите сè уште расте, а ние увезуваме струја. Ние бараме да остане истата цена и да не се зголеми ДДВ-то на 10 отсто, изјави претседателот на Стопанска комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков.
И покрај зголемениот увоз и нецелосната функционалност на енергетските капацитети, сепак министерот за економија Крешник Бектеши тврди дека од Нова година нема да има поскапување на струјата, па дури најави и можно намалување. Овие најави се дел од, како што истакна тој, планот на Владата за смирување на кризата.
-Нема да има драстично зголемување на цената од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сè зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Согласно со нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од она што моментално плаќаат. Јас ги имам пресметките колку би можела да изнесува таа и тврдам дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните, изјави Бектеши.
Иако надлежните уверуваат дека струјата нема да поскапи, факт е дека граѓаните ќе треба да плаќаат повеќе, бидејќи ДДВ се зголемува од 5 на 10 отсто.