ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Владата вели дека ако има потреба ќе му помогне на бизнисот, Мицкоски бара итни мерки

Премиерот Оливер Спасовски вели дека Владата ќе им помогне на стопанствениците ако има потреба за што има и пари, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, бара итна и сеопфатна акција и мерки за помош на фирмите погодени од коронавирусот.

Спасовски на денешната прес-конференција рече дека во Буџетот има пари на располагање и ќе се излезе во пресрет ако има потреба, без разлика на тоа што сме пред избори.

„Точно е дека имаме на располагање финансиски средства во Буџетот, затоа и рековме дека се ликвидни. Во моментот кога ќе се процени дека треба на одредена категорија на стопанственици да се помогне да се излезе во пресрет тоа ќе го направиме. И државата и мерките се подготвени и се што треба да биде преземено овој момент ќе биде преземено, без разлика што сме во предизборна ситуација“,

изјави Спасовски.

Првиот човек на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, пак, побара итна акција повторувајќи ги мерките кои вчера ги предложи.

„На крајот од месецот мора да се поделат плати, да се платат камати за кредитите, даноци, давачки, но пред се и над се да се заштити здравјето на граѓани. Вчера токму затоа предложивме антикризни мерки за заштита на здравјето и помош на бизнисот и ги ставивме на располагање нашите кадровски потенцијали. Морам да кажам дека сум разочаран што поминаа 24 часа и ниту еден, повторувам ниту еден владин претставник не пројави интерес за понудената помош и предложените мерки. Што значи дека само сопствената промоција е важна и дека не станува збор за грижа за заштита на граѓаните, туку исклучително само сопствената промоција“,

обвини Мицкоски.

Тој вели дека многу посилни земји од нашата се одлучија на прогласување кризна состојба, а тоа е неопходно да се направи и кај нас.

Меѓу економските мерки кои ги предлага се: замрзнување на обврските на компаниите кон државата; замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите; државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата во висина од 50 проценти.

Покрај економските, ВМРО-ДПМНЕ бара и: итна национална набавка на антисептични средства, обезбедување бесплатни маски и ракавици за граѓаните; формирање на стручно тело кое ќе прави контрола за злоупотреби и покачување на цените за маските и антисептични средства; редуцирање на работата на државната администрација; удвојување на човечките капацитети во здравствените установи; 24-часовна телефонска линија за консултации и прашања поврзани со вирусот; формирање тело со единствена задача за надзор и контрола на примената на превентивните мерки.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.