Владата без парламентарно мнозинство, Заев никаде го нема, Пендаровски ќе чека согласност од партиите за лидерска средба
Два дена по собраниските турбуленции и одлуката на Талат Џафери без присуство на опозицијата да ја затвори седницата за гласање недоверба на актуелната владата, никој од државниот врв не проговори за политичката криза во која влезе Македонија. Со партиите на власт кои моментално немаат мнозинство во Парламентот, под знак прашалник се доведува и целата работа на законодавниот дом, особено што од следната недела пред пратениците треба да се најде и расправата за Буџетот.
Премиерот Зоран Заев кој се спаси од иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, одбегнува контакт со новинарите, ниту пак се појавува на јавни настани. Молк и од Вила Водно. Опозицијата директно го повика претседателот Стево Пендаровски и побара да свика итна лидерска седница за излез од политичката криза. Откако став не слушнавме, Алфа испрати прашања до неговиот кабинет – дали ќе одговори на барањето на опозицијата за лидерска средба, но и која е опцијата за излез од кризата според на шефот на државата.
-Претседателот Пендаровски би свикал лидерска средба, но, само ако има согласност за таква средба и од власта и од опозицијата, стои во одговорот од Кабинетот на Пендаровски.
Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека брзи предвремени избори е единственото решение за делегитимирање на актуелната власт и излез од кризата.
-Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е вопостојан контакт со сите релевантни политички партии, сите групи во република Македонија кои што работат и се залагаат за пад на режимот на Зоран Заев и за враќање на демократијата, пред се во Парламентот., велат од ВМРО ДПМНЕ.
СДСМ пак најавува стабилност иако нема мнозинство во Собранието. Најавите дека бројот на пратеници кои би преминале на нивна страна ќе се зголемува, полека спласнаа. Од Бихаќка наместо одговори засега има само молк за ова прашање, ама затоа бараат оставка од партиската функција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски кончено треба да покаже грам одговорност и да си даде оставка. Граѓаните не сакаат и не заслужуваат политичари кои немаат став, кои едно зборуваат а друго прават. Мицкоски мора да им се извини на граѓаните за сите лаги со кои ја замајуваше јавноста, а потоа да преземе одговорност и да се повлече од политиката“, вели пратеникот Дарко Каевски.
По низата случувања во собранието, албанскиот опозициски блок алармира за мафијашко владеење во државата..Беса замина во опозиција и му го сврти грбот на Заев. Алтернатива на Гаши пак се уште тактизира…
Левица уште ноќта на 11ти ноември, порача дека единствениот излез е блокада на Собрание и радикализација и во собранието и на улица.