(Видео) Уапсени шестмина во вчерашната заплена на 200 кг марихуана, претрес во две фабрики за канабис
По повеќемесечна постапка координирана и по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со асистенција на Американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци во текот на вчерашниот ден спроведоа акција.
Денеска ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија
Осомничените, како повеќе лица неовластено заради продажба, набавиле, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана со вкупна тежина од 199, 444 килограми. На почетокот на овој месец првоосомничениот, откако пронашол потенцијални купувачи на наркотичната дрога марихуана, договорил неовластена набавка на дрогата со второосомничениот скопјанец, кој дрогата ја држел на засега неутврдена локација. Тој ги ангажирал останатите осомничени и тоа 36 годишниот битолчанец неовластено ја пренесе дрогата од неутврдената локација до паркинг простор во с.Радобил, прилепско, а останатите осомничени – 24 годишен скопјанец, 46 годишен прилепчанец и 24 годишен кумановец со возила што тие ги управувале да го придружуваат движењето на возилото со кое се вршело пренесување на наркотичната дрога – марихуана.
Купопродажбата на наркотична дрога – марихуана во количина од 200 килограми за засега неутврдена сума на парични средства, била договорена со НН лице од Р.Грција и требало да се реализира во текот на вчерашниот ден на паркинг просторот во с.Радобил. Прво осомничениот откако со второ осомничениот ги договориле деталите на примопредавањето на дрогата и улогите на останатите осомничени се упатил кон Гевгелија. Наркотичната дрога спакувана во 40 картонски кутии била префрлена од ТМВ марка Ивеко со македонски национални регистарски ознаки во ТМВ комбе Цитроен Џампер со грчки национални регистарски ознаки, а осомничените се упатиле во различни правци.
Осомничениот кој го управувал комбе „Ивеко“ се упатил кон Прилеп, додека останатите осомничени со три патнички моторни возила и ТМВ во кое била дрогата движејќи се во колона еден зад друг се упатиле на магистралниот пат Прилеп-Градско во правец кон Градско. Кога пристигнале на клучката за с.Раец биле запрени од страна на полициски службеници на МВР и по извршениот претрес, лишени од слобода. Во исто време во Прилеп е лишен од слобода осомничениот што го управувал ТМВ марка Ивеко, а во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и првоосомничениот – организатор на криминалната група.
При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник. При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства,а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.
Во текот на вчерашниот ден по наредба на јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.
Денеска осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека се исполнети условите, ќе му предложи на судот на осомничените да им биде изречена мерка притвор. Обвинителството и МВР продолжуваат со интензивна работа во насока на расчистување на случајот.