(ВИДЕО) По посетата на Бучковски на Софија: Бугарија останува на барањата, ќе се работи на обнова на довербата меѓу двете земји
Бугарската министерка за надворешни работи Захариева ги отфрли како неточни тврдењата од Скопје дека Софија ставила вето и дека го негира идентитетот и ги повтори забелешките за антибугарска политика и реторика
Специјалниот претставник на Владата Бучковски рече дека тие нема да се занимаваат со историја, туку со спроведување на Договорот во економијата, културата, образованието и зближувањето на двата народа
Бугарија не става вето, туку не ја одобрува преговарачката рамка на С Македонија со ЕУ, и тоа не е исто, како што не е точно и дека го оспоруваме идентитетот. Од првиот момент инсистирањата на Бугарија се исти и не се променети: исполнување на Договорот од 2017, патоказ за негова имплементација, запирање на претензиите за македонско малцинство во Бугарија и во однос на јазикот, дефинирање според договореното во 2017. Тоа го нема во преговарачката рамка и очигледно има несогласување околу тоа и затоа таа нема да биде одобрена од Бугарија.
Вака министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, ја започна прес-конференцијата со специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски во Софија, на која таа детално елаборираше кои се забелешките на Бугарија, како што рече, во изминатите 18 месеци и констатира дека има нарушена доверба меѓу двете земји.
„Минимум една и пол година ние ги потсетуваме нашите соседи на неколку работи: едностраното блокирање и политизирање на Комисијата за историски и образовни прашања, административни пречки за бугарскиот бизнис, неофицијална поддршка на организации за македонско малцинство во Бугарија. За жал, нешто што им пречи на двете страни, и на бизнисот и на граѓаните, е забавената работа на Коридорот 8“,
рече Захариева.
Таа ги повтори и ставовите дека во С Македонија постојат антибугарско расположение и реторика.
„Тврдењето дека Бугарија го оспорува идентитетот е манипулативно и неточно. Државите не признаваат народи и јазици туку држави. Проблемот е што тие на антибугарска основа ја градат државноста. Таму се добиваат избори на антибугарска реторика, и тоа не може да биде така. Поколенијата не треба да се воспитуваат на омраза, а тоа продолжува таму. Имаше периоди кога се избегнуваше да се каже дека имаме заедничка историја. Историската комисија треба да работи на професионална основа, а не политичарите да ги пишуваат текстовите. Да не се користи Комисијата за политички цели. Во договорот од 2017 стои нејзиниот мандат“,
истакна Захариева.
Таа, исто така, повтори дека нејзината земја не побарала ништо поразлично сега и повика на смирување на страстите на двете страни, работите да се гледаат пореално и разговорите да продолжат со пониско ниво на емоции.
Најави продолжување на разговорите за решавање на отворените прашања и со тоа на доаѓање до исход кој ќе го отвори патот на С Македонија за одобрување на преговарачката рамка и за почеток на, како што рече, реалните преговори за членство.
„Да почнеме чекор по чекор да ја враќаме загубената доверба и да се заземе конструктивен приод. Видовме до каде доведе антибугарската кампања, обидите за дискредитација на Бугарија во разни организации, распространувањето тези дека сме ставиле вето или дека го оспоруваме правото на самоопределување или дека поради нас (С Македонија) и Албанија ќе биде загрозена, тези кои спречуваат да се создаде доверба. Како и последните два месеци така и сега ви подаваме рака за единствен и прагматичен приод. Се надевам дека нештата за кои денеска зборувавме искрено и пријателски ќе доведат до тоа да најдеме решение за некои дилеми“,
рече Захариева.
Специјалниот претставник на Владата Бучковски изрази задоволство од денешните средби во Софија и рече дека е сигурен дека успеале да ги уверат и Захариева и нејзиниот тим во намерата да се спроведе Договорот.
„Бараме инструменти, ако тоа е патоказот, тоа ќе може да биде алатка каде што ќе ги мериме достигнувањата во периодот што следува. Довербата е нарушена и има спремност од нашата влада како дополнителен напор да ја вратиме таа изгубена доверба. Верувам дека многу повеќе ќе се фалиме со сработеното, а не со празни зборови“,
рече Бучковски.
Говорејќи за историските прашања, Бучковски рече дека заедничката историја не може да ја промени ниту тој ниту Захариева и тие прашања се оставени Заедничката комисија да најде решение за дилемите, додека нивна работа е да развиваат соработка во областа на културата, образованието и за зближување на двата народа.