(Видео) Немири во Албанија поради убиство на момче кое го прекршило полицискиот час
Главниот град на Албанија синоќа беше потресен од немирите поради убиството на 25-годишно момче кое го прекршило полицискиот час воведен како мерка за борба против коронавирусот.
Стотици Албанци излегле на улиците поради полициското убиство на 25-годишниот Клодијан Раша, кој го прекршил ноќниот полициски час и не застанал на барање на полицијата.
Демонстрантите, кои ја прекршиле забраната за собирање повеќе од 10 лица, се судриле со полицијата. Тие фрлале камења кон полицајците и кон зградите на Владата, Министерството за внатрешни работи и Собранието на Тирана.
Тие исто така се обиделе да упаднат во владиниот комплекс каде што е канцеларијата на премиерот Еди Рама, но полицијата ги растерала со солзавец.
Портпаролот на полицијата во Тирана изјави дека најмалку девет полицајци се повредени, а демонстрантите оштетиле неколку полициски возила.
Демонстрантите тврдат дека протестот не е политички, но меѓу насобраните можеле да се забележат и приврзаници на опозицијата. На една од снимките се гледа како демонстрантите палат и рушат украсена елка.
Полицијата соопшти дека во судирите биле повредени девет нејзини членови. Медиумите наведуваат дека демонстрант и новинар се повредени, а оштетени се и паркирани полициски возила.
Протестите избувнаа откако 25-годишниот Клодијан Раша беше убиен со огнено оружје, бидејќи не реагираше на наредбата на полицијата да запре. Демонстрантите извикуваа „Рама, оди си“ и „Јас сум Клодијан“.
Додека протестите продолжуваат, премиерот на Албанија, Еди Рама, е во САД на состаноците со претставниците на компанијата „Фајзер“, со која се обидува да постигне договор за набавка на вакцината.
Ограничувања на јавни собири, задолжително носење заштитни маски и ноќен полициски час се воведени во Албанија поради пандемијата