(Видео) Албанските власти со булдожер му го урнаа ресторанот на сопственик кој нападна шпански туристи
Албанските власти со булдожер му го урнаа ресторанот на сопственик кој на 21 август нападна шпански туристи и со телото се обиде да го запре нивниот автомобил бидејќи не ја платиле сметката.
Уривањето е извршено по наредба на албанските власти, кои го демолираа неговиот ресторан во Порто Палермо, популарно одморалиште во јужна Албанија, јави ТВ „Клан“.
Сопственикот на ресторанот, Михал Кокедима, е уапсен кога нападнал тројца шпански туристи и двајца Албанци, а властите соопштија дека во истрагата утврдиле дека ресторанот немал дозвола за работа и дека три години не плаќал данок.
Видеото од нападот покажува дека Кокедима се обидел да го запре автомобилот во кој се превезуваат туристите скокајќи на хаубата, при што ја скршил шофершајбната и така се возел пет километри.
Туристите, наводно, биле незадоволни од услугата, а од ресторанот тврдат дека гостите не ја платиле сметката.
Според шпанските медиуми, жртва на инцидентот биле шпанскиот бизнисмен Евгенио Галдон и неговото семејство. Албанскиот премиер Еди Рама се извини и ги осуди постапките на сопственикот на ресторанот.