ВЕРУШЕВСКИ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ГИ ОБВИНИ НИКОЛА ГРУЕВСКИ И ГОРАН ГРУЈЕВСКИ, А ГО ОСЛОБОДИ МИЈАЛКОВ
Бившиот разузнавач, а сега советник во Владата, Зоран Верушевски, кој денеска сведочеше на дополнителни пршања од СЈО во предметот „Тврдина-Таргет“, „напиша“ ново обвинение за нелегалното масовно прислушување, во кое првообвинет го стави Никола Груевски, втор бившиот началник на Петтата управа Горан Грујевски, а третообвинет според него е Никола Бошковски. Сите тројца се во бегство: Груевски во Унгарија, а останатите двајца се во Грција.
Според Верушевски, Никола Груевски бил мозокот на целата операција на незаконско следење на комуникациите на стотици граѓани, со цел да се задржи на власт и подолго од 10 години. Според теоријата на Верушевски, своја причина да избегаат од правдата имале и Горан Грујевски и Бошковски, за кои тврди дека ја спровеле операцијата на прислушувањето. Тој кажа дека во Унгарија и Грција тамошните разузнавачки служби не ги прашувале овие тројца за растот на БДП-то во Македонија, туку за нив интересен бил арсеналот од прислушуваните разговори кои тие ги поседувале. Тврдеше дека ова што СДСМ го предал на СЈО било само минорно количество „бомби“, а дека изворната документација ја поседуваат токму овие тројца избегани лица.
Дури кажа дека тие и дополнително пуштаат од овие изворни документи по покренувањето на обвиненијата од СЈО на база на прислушуваните разговори, што СДСМ ги предаде на Обвинителството.
Верушевски не даде јасен одговор како се модифицирани и компромитирани овие разговори што се користат во постапките на СЈО, нешто кое го кажа на претходното рочиште.
СЈО во истрагите и претресите што ги вршеше не најде разговори ниту кај Груевски, ниту кај Бошковски и Грујевски, иако Груевски избега дури на 8 ноември 2018, туку најде кај други лица во Македонија, за што Обвинителството веќе води предистражна постапка. Освен тоа, Обвинителството има докази и тие веќе беа кажани во воведните зборови на почетокот на „Тврдина-Таргет“, дека обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Тони Јакимовски директно ги следеле комунукациите од лаптопите во нивните кабинети, што го тврди и СЈО и не најде потврда дека тоа го правеле со судска наредба. Освен тоа, сведоците Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски во детали опишаа како прислушувањето на дневна основа се вршело од страна на УБК со наредби од Грујевски, обвинетата Надица Николиќ и други, а не од Никола Груевски.
За следното судење на 24 октомври повикан да сведочи е премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев