Вербалната нота ветар во грб за Ципрас
Грчката Влада ја доби довербата – Ципрас се пофали пред пратениците дека не е признаена македонска назција и јазик, читајки ја Вербалната нота од македонското МНР. По дводневната тензична расправа синоќа пред самото гласање за доверба, Ципрас го објави писмото од македонското МНР и му се обрати на опозиционерот Мицотакис кој досега го обвинуваше дека го признал македонскиот јазик и идентитет. За грчкиот премиер писмото дојде во вистинскиот момент па во Собранието пред скоро 300 пратеници кажа дека – соседите освен што го известиле за промената на Уставот имале и толкувачка изјава за јазикот и државјанството.
- Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици. Сега што имате да порачате г-дин Мицотакис? Или треба да побарате други аргументи или да му се придружите на г-динот Каменос, кажа грчкиот премиер.
Веднаш по обраќањето Ципрас ја доби довербата – од 299 присутни, 151 пратеник кренаа раце. За време на гласањето кое не беше електронски, членовите на опозициската Нова Демократија иронично ракоплескаа на оние пратеници кои ја поддржаа Владата. Претходно нивниот лидер Мицотакис побара предвремени парламентарни избори.
- Изборите се единственото решение за движење на земјата напред. Колку повеќе ќе продолжиме во оваа политичка темнина, толку повеќе нашата земја ќе тоне. Избори што е можно поскоро, за да може земјата да дише. Избори за Грците да си ја земат среќата во свои раце, кажа Мицотакис.
И покрај победата, владата на Ципрас сеуште стои на стаклени нозе и е далеку од сигурно дека ќе издржи до крајот на неговиот мандат во октомври 2019 година. Следниот предизвик е да го притисне грчкиот парламент да го изгласа Договорот. Ратификацијата се очекува да почне уште следната недела. Преспанскиот договор прво ќе треба да помине низ Комисија каде Ципрас засега нема мнозинство поради исклучувањето на пратеници, а потоа да влезе на пленарана седница. Се очекува Нова демократија да го блокира процесот.