Вашингтон како воена зона за инаугурацијата на Бајден

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден утре ќе ја преземе функцијата, на церемонија како ниту една досега и во атмосфера на внатрешни поделби и тензии кои Соединетите американски држави не ги паметат досега.
46 –тиот американски претседател уште од старт на својот мандат ќе се соочи со серија огромни кризи.
Додека Бајден со месеци се подготвуваше и најавуваше ќе се фокусира на пандемијата корона вирус која секојдевно убива околу 4 000 американци, како и економската криза која остави милиони луѓе без работа, вооружениот бунт и нападот на Конгресот создава огромни сомнежи за како новиот американски претседател ќе ја оствари својата крупна политичка цел – да ги надмине поделбите меѓу американците и да создаде барем минимален консензус меѓу нив.
СЕКАКО, ОВА Е ТЕНЗИЧЕН МОМЕНТ, НАЈБЛАГО КАЖАНО И РЕЧИСИ БЕЗ ПРЕСЕДАН.
Церемонијата на инаугурацијата на Бајден ќе биде како ниту една досега. Традиционално, преземањето на функцијата на новиот претседател во живо го следат десетици илјади луѓе. Тоа овој пат нема да се случи, заради рестрикциите воведени поради пандемијата, но уште повеќе и по вооружениот упад во Конгресот на толпата најжестоки подржувачи на Трамп.
Досегашниот претседател нема ниту да присустува на преземањето на функцијата на Бајден, уште едно прекинување на традицијата.
Како илустрација на мотото на инаугурацијата на Бајден, “Америка Обединета, ”наместо луѓето, на полето пред конгресот веќе се поставени околу 200 000 американски знамиња, кои беа осветлени синоќа со 56 светлосни столбови, кои ги претставуваат сите американски држави и територии.
Вашингтон последните денови се претвори и во вистинска тврдина со блокади и барикади на улиците, додека во главниот град на Соединетите американски држави веќе се распоредени околу 25 000 припадници на националната гарда.
Причина е стравот од ново насилство и инциденти кои ги предизвикале радикалните групи подржувачи на Трамп, кои и натаму ја шират лагата дека на Трамп му била украдена победата. Заканата од овие групи нема да исчезне со стапувањето на Бајден на функцијата.
ЗБОРУВАМЕ ЗА ОБИДИТЕ ДА СЕ ИЗВРШИ НАСИЛСТВО ПРОТИВ СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ И НАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ДА СЕ УБИЈАТ ЧЛЕНОВИ НА ВЛАДАТА. ВО ТАА СМИСЛА, НЕМА РАЗЛИКА МЕЃУ ПОДРЖУВАЧИТЕ НА ТРАМП КОИ ВЕРУВААТ ВО ТИЕ ИДЕАЛИ ИЛИ НЕДОСТАТОК НА ИДЕАЛИ И АЛ КАЕДА И ИСИС, ТИЕ СЕ ДОМАШНИ ТЕРОРИСТИ И НЕМА ДА ГО ОСТАВАТ СВОЕТО ОРУЖЈЕ И ПОЈАСИТЕ СО ОРУЖЈЕ НА 20-ТИ ЈАНУАРИ, ВЕЛИ ЏОН ХУДАК, АНАЛИТИЧАР ОД БРУКИНГС ИНСТИТУТОТ
Вонредни безбедносни мерки се спроведуваат во сите 50 држави. Во главниот град на Вирџинија, Ричмонд, ривалски вооружени групи се собираа пред владините згради. Колони возила со подржувачи на Трамп патролираа на улиците, каде се сообраа и добро вооружени лица од различни групи, од либертаријански до припадници на групи за супремација на белата раса. Недалеку од нив, парадираа и членови на движењето Црни Пантери, дел од нив исто така добро вооружени. Во оваа ситуација, кој може да ја гарантира безбедноста?
БЕЗБЕДНОСТ ВО АМЕРИКА? НЕМА ПРОБЛЕМ СО ОВА ОВДЕ! ОВА Е ТОА ШТО ЈА ЧУВА АМЕРИКА БЕЗБЕДНА.
Денеска е и последниот ден од 4 годишниот мандат на претседателот Доналд Трамп. Според американските медиуми, Трамп разгледува листа од околу 100 луѓе кои може да бидат помилувани. Дел од нив се луѓе блиски до Трамп, како крајниот десничар Стивен Банон, но дел и луѓе чија амнестија ја бараат и повеќе групи активисти за човекови права како Едвард Сноуден и Џулијан Асанж.
Засега е неизвесно и дали Трамп може да се одлучи да си додели амнестија себеси, особено откако по втор пат му беше изгласан импичмент во Конгресот и го очекува судење во Сенатот.