Вагнер објави видео од руски офицер кој „признава дека наредил напад врз платениците“
Руската приватна група на платеници Вагнер предводена од Евгениј Пригожин објави видео од заробениот руски потполковник во кое тој „признава“ дека го наредил нападот врз платенците. Оваа објава доаѓа во време кога се во пораст тензиите меѓу руските платеници Вагнер и вооружените сили на Русија.
На видеото, објавено на 4 јуни од прес-службата на Вагнер, се гледа сослушување на лице кое себеси се нарекува потполковник Роман Веневитин, командант на 72-та моторизирана пушка бригада на руската армија.
За време на испрашувањето, во видеото се слуша кога тој вели дека го наредил нападот врз трупите на Вагнер поради „лично непријателство“.
Непосредно пред објавувањето на видеото, прес-службата на Вагнер објави извештај за престрелка меѓу борците на платеничката група и руските вооружени сили што наводно се случила на 17 мај во близина на Бахмут во источна Украина, епицентарот на борбите меѓу руските трупи, поддржани од силите на Вагнер и украинската армија.Во видео објавено од Вагнер на социјалната платформа Телеграм, човек кој себеси се нарекува Веневитин вели дека им наредил на своите војници да отворат оган врз трупите на Вагнер. Тој изјавил дека во тој момент бил под дејство на алкохол.
Човекот, кој изгледа дека има повреден нос, му се извинува на Вагнер за нападот.
Автентичноста на видеото не може да се потврди независно. Не е јасно дали човекот на видеото, идентификуван како Веневитин, зборувал без принуда.
Руското Министерство за одбрана се уште не го коментира видеото или извештајот.
Извештајот и видеото како да откриваат длабоки проблеми меѓу Вагнер и руското Министерство за одбрана, пишува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.