ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Буџетот за здравство за 2018 година 6,3 милијарди денари

Буџетот за здравството за наредната година ќе изнесува 6,3 милијарди денари, што е за 300 милиони денари повеќе од оној за годинава, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека стратешка цел за наредната година се набавка на инсулинот, вакцини и лекови за ретки болести, медицинска опрема, подобрување на инфраструктурата, завршување на капиталните проекти и почнување на припремните работи за новиот Клинички центар во Скопје и новата градска болница во Општина Аеродром.

Ќе продолжи и зголемувањето на платите и тоа за 10 отсто за лекарите специјалисти и 5 отсто за медицинските сести во јануари годинава. Останатите здравствени работници зголемување од 5 отсто ќе добијат од септември наредната година.

-Ова се со цел да го подигнеме квалитетот на здравствената заштита и да го подобриме пристапот до неа за сите наши граѓани, рече министерот Филипче на денешната прес-конференција во Владата на која го презентираше буџетот за наредната година.

Тој информира дека во новиот предлог буџет има предвидено средства за капитални проекти, кои предвидуваат подобрување на инфраструктурата, завршување на градежните активности на реконструкцијата на болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, продолжување на градежни  активности во општата болница во Струмица, завршување на градежни активности за бункерот за линеарен акцелератор во „8 Септември“ во Скопје.

Има средства за почеток на активности за изградба на нова болница во Струга, започнување реконструкција на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лкеување и подготвителни активности за новата градската болница во Скопје. Се  планира и довршување на Клиничкиот центар во Штип и започнување на подготовки за изградба на новиот клинички центар во Скопје. За ова се обезбедени средства во висина од 587 милиони денари. Дел од средствата ќе се користат и за интервентни градежни активности во сегашниот Клинички центар.

Во буџетот има предвидени 73 милиони денари кредитни средства од италијанската Влада за опрема за јавно-здравствените установи, а од програмата на МЗ за оваа намена се планирани 266 милиони денари. Покрај за опрема ќе има средства и за воведување современи дијагностички методи.

Во Програмата за превенција на кардиолошки заболувања се предвидени 33,7 милиони денари за ангажирање странски хирурзи кои ќе ги вршат хируршките интервенции, но ќе работат и на едукација на ретки болести. Во буџетот се предвидени и средства од 380 милиони денари за лекови за 20 ретки болести што како, што рече Филипче е за 156 милиони денари поголем од минатата година. Зголемување на буџетот има и за средствата за имунизација и тоа од висина од 30 отсто, а планирана е набавка и на две нови вакцини за пнеумокок и рота вирус.

Ќе се проширува и програмата ослободување партиципација.  По завршувањето на социјалните реформи и воведување минимален гарантиран доход, околу 73.000 лица корисници, ќе бидат ослободени од партиципација. Со новиот буџет ќе се набавува и инсулин, за што се предвидени 692 милиони денари и за првпат годинава, како што рече Филипче, нема да има инсулин од паралелен увоз.

Во врска со Итната медицинска помош тој вели дека е свесен оти во нејзината работа таа се соочува со проблеми и тоа не само во делот на недостигот на возила, туку и кадар. Затоа, потенцира, се планира набавка на дополнителни возила и прием на нови здравствени кадри со што ќе се унапреди нејзината работа. Од 12 веќе нарачани возила за Итната медицинска помош, шест ќе бидат распределени во Скопје, а шест во останатите градови низ Македонија каде состојбата е најкритична.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.