БУГАРИЈА: ПОБЕДНИЧКАТА КОАЛИЦИЈА „ПРОМЕНИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ“ ГИ СТАРТУВАШЕ РАЗГОВОРИТЕ ЗА ФОРМИРАЊЕ ВЛАДА
Стартуваат преговорите за формирање на новата бугарска влада. Победничката коалиција „Промените продолжуваат“, ќе се обиде да дојде мнозинство со помош на Бугарските социјалисти, партиите „Има Таков Народ“ и “Демократска Бугарија“.
Од коалицијата остануваат на ставот дека во никој случај преговори нема да има со ГЕРБ на Бојко Борисов и нивниот долгогодишен коалициски партнер ДПС, а нема да се прифати ниту пасивна поддршка од нив…Не очекуваат лесно да дојдат до мнозинство но велат дека се подготвени за договор кој ќе трае најмалку 4 години..
„Премиерот Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василев се наши предлози, но не се црвена линија, не се задолжителни. Да ги видиме предлозите на колегите, можни се и други кандидатури. Ако има посоодветна кандидатура за премиер, ние би прифатиле.“ – изјави Никола Минчев.
Копретседателот на победничката коалиција, Кирил Петков веќе откри дека не очекува да се појават проблеми со коалициските партнери во однос на спорот со Македонија. Коментирајќи ги односите меѓу двете држави, Петков, кој е поранешен технички министер, порача дека не треба да се урне се што досега било постигнато но и не треба Македонија да биде примена во ЕУ само врз база на еден критериум, а тоа е историјата.
А после оставката на Красимир Каракачанов и потесното раководтство на ВМРО БНД, и лидерката на Бугарската Социјалистичка партија, Корнелија Нинова, ја напушти функцијата, наведувајќи го како причина лошиот изборен резултат откако социјалистите од третото падна на четвртото место според бројот на освоени гласови.