Брисел: Дијалогот меѓу Белград и Приштина на дистанца и со високи тонови

„Не знаете дали да се смеете или да плачете“ и „Дистанцата беше повеќе од два метри“ – се реченици коишто најдобро го отсликуваат дијалогот.
Последната рунда од десетгодишниот дијалог меѓу Белград и Приштина, овој пат, заврши за помалку од два часа. Се потврди непишаното правило на бриселската дипломатија дека колку подолго трае некој состанок, толку е поголема можноста за позитивен исход. Исход од денешните разговори нема, освен договорот лидерите на Белград и Приштина да се состанат повторно пред крајот на јули.
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, требаше да ги претстави резултатите од денешниот дијалог. Како искусен дипломат, Лајчак тоа го сумираше во една генерализирана реченица што може и не мора да значи ништо.
„Она што е важно за ЕУ е дека двајцата лидери потврдија дека нема друг пат напред освен нормализирање на односите меѓу Србија и Косово“, рече Лајчак по состанокот.
Она во што не впушти Мирослав Лајчак, освен изјавата дека разговорите биле „отворени и директни“ и дека „добро е што се одржале“, е проценка на дијаметрално различните позиции на двете страни, кога станува збор за споменатиот „пат напред“ и „нормализацијата на односите“.
Вучиќ: Не знаете дали да се смеете или да плачете
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, имаше можност прв да им ги претстави на медиумите своите видувања за средбата со премиерот на Косово, Албин Курти. За Вучиќ ова е состанок на кој, како што рече, не бил никогаш порано.
„Застанувате и не знаете дали да се смеете или да плачете… Имате работа со луѓе кои не се ниту сериозни, ниту одговорни“, рече Вучиќ.