ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Бочварски смета дека железницата е бунар без дно, кон Битола нема ниеден воз

Министерот Благоја Бочварски и македонската влада, исто како и граѓаните, се незадоволни од функционирањето на Македонски железници – Транспорт. Тој денеска коментираше дека државното железничко претпријатие постојано добива субвенции од владата, а финансиската поддршка годинава достигнала до 25 милиони евра. На овој начин, тој денеска ја коментираше лошата состојба во ова претпријатие, кое изминатиов период откажа повеќе патнички возови кон Битола, Кичево, Кочани и Табановце.

„Ќе го поставам прашањето, дали граѓаните се задоволни од тоа што го прави Македонски железници – Транспорт и дали ние како влада сме задоволни? Апсолутно и граѓаните и владата сите заеднички ќе констатираме дека тоа претпријатие не ја врши работата којашто ја очекуваат граѓаните од него“, изјави денеска Бочварски.

Тој додаде дека МЖ-Транспорт работи тешко со години наназад, а финансиската поддршка до пред две години од владата била по 6 до 7 милиони евра годишно за да го одржува патничкиот железнички сообраќај.

Минатата година финансиската помош била 15 милиони евра, а оваа година Бочварски очекува поддршката од владата за МЖ-Транспорт да стигне некаде до 25 милиони евра.

Денеска Бочварски не кажа што конкретно ќе направи владата за да се вратат во сообраќај укинатите патнички возови кои ги бараат граѓаните.

Тој решение на тешката состојба во железницата гледа во законот за либерализација на железничкиот превоз, кој во моментов се наоѓа на гласање во Собранието на РСМ. Очекува пратениците час поскоро да го изгласаат, по што очекува веќе од почетокот на наредната година на македонските пруги да почнат да сообраќаат и други железнички оператори. Тој очекува поголема конкурентност, како и бенефит за компаниите и граѓаните од приватните железнички оператори.

Бочварски спомена дека Македонија е една од двете земји во регионот каде нема либерализација на железничкиот превоз. Во сите држави кои вовеле, сообраќајот бил подигнат на повисоко ниво за потребите на економијата и за граѓаните. Денеска се гласа Законот за либерализација на железничкиот сообраќај.

Не сообраќа возот кон Битола

Веќе 10 дена не сообраќа ниту еден воз на релацијата Скопје-Битола-Скопје. Патниците се гневни дека МЖ-Транспорт не е во состојба да го одржува во функција преостанатиот воз меѓу двата града, кој од Скопје поаѓа во 14:30 часот, додека од Битола тргнува во 3:13 часот. Од железничкото претпријатие очекуваа да ја поправат локомотивата до четврток, за да профункционира единствениот воз меѓу Скопје и Битола.

МЖ-Транспорт од 25 октомври годинава укина по два воза дневно на релацијата Скопје-Битола-Скопје, и тоа возовите кои од Скопје за Битола поаѓаа во 6:53 и 20:05 часот, како и од Битола за Скопје кои поаѓаа во 12:48 и 18:24 часот. Претходно на почетокот на годинава беа укинати возовите меѓу Скопје и Табановце, додека од мај 2021 година не сообраќаат ниту возовите кон Кичево и Кочани.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.