ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Божиќниот кошмар на претседателот Трамп

„Кога имате надворешнополитичка одлука на која ѝ се радуваат Владимир Путин и Ранд Пол, тоа е прилично добар знак дека тоа е ужасна идеја“.

Неговиот шеф на кабинет инсистира дека во неодамнешниот метеж во Вашингтон, блокадата на владата, повлекувањето на војниците – сè се одвива по план. Но на Трамп му останаа мал број угледни бранители, вели Атлантик.

На својот втор Бадник во канцеларијата, претседателот на САД стои практично сам во Вашингтон.

Девет федерални оддели се блокирани, без решение на повидок. Демократите се лути поради обидот на претседателот Доналд Трамп да ја држи владата како заложник додека не добие пари за пограничниот ѕид. Многу републиканци се жалат за неговата ненадејна одлука да ги повлече воените сили од Сирија и Авганистан – потег што веќе резултираше со протестни оставки од секретарот за одбрана и од еден висок дипломат што ја предводеше глобалната коалиција против ИСИС. Берзата се распаѓа поради загриженоста од владината блокада, а Трамп се распрашуваше за отпуштање на претседателот на Федералните резерви. Истрагата во Русија продолжува да ги ситни соработниците на Трамп. А со другите неодамнешни оставки на важни функционери во администрацијата, Трамп останува само со најосновните извршни раководители.

Во вчерашните дебатни емисии, пораката од демократските и од републиканските пратеници беше многу јасна: ова е Доналд Трамп наспроти светот. Но според неговиот нов в.д. шеф на кабинет, токму тоа и му се допаѓа на претседателот – колку и да се чини неверојатно.

„Вака изгледа Вашингтон кога имате претседател што одбива да попушта за да опстане“, изјави Мик Малвејни, директор на Управата за менаџмент и буџет, кој ја води Трамповата Бела куќа откако Џон Кели замина во почетокот на овој месец. Малвејни во неделата се појави како претставник на претседателот на „Фокс њуз сандеј“ и „Неделава“ на Еј-би-си.

На Фокс, водителот ја почна програмата со директно прашање: „Дали се паѓаат тркалата од претседателството на Трамп?“ Мирен и прибран, Малвејни објасни дека минатонеделната драма е по план. Тој вината за тековната блокада ја префрли на конгресните демократи и предвиде дека ќе потрае и по Божиќ, ја потврди потребата за граничен ѕид и го огради претседателот од секретарот за одбрана во заминување, Џејмс Матис, тврдејќи дека нивниот однос веќе долго време е „конфликтен“.

Во интервјуто за „Неделава“, Малвејни играше одбрана, ретерирајќи за коментарите на Трамп за претседателот на Федерални резерви, Џером Пауел, и рече дека Трамп „сега сфаќа“ дека „нема ингеренции“ да го отпушти. Тој, исто така, ги минимизираше сопствените критики кон претседателот во минатото, велејќи дека тој и Трамп се „имаат шегувано“ за коментарите на Малвејни во 2016 година кога го нарече Трамп „ужасно човечко суштество“.

Во завчерашните емисии критиките на демократите кон Трамп беа остри, иако можеби за овој момент банални. Реагирајќи на блокадата, претставниците на партијата потврдија дека, што се однесува до нив, нема да дозволат со доларите на даночните обврзници да се финансира граничен ѕид. Републиканските осуди на неодамнешните потези на Трамп беа многу погласни и посуштински.

На Ен-би-си сенаторот од Пенсилванија Пат Томеј ги повтори критиките што Матис ги изрази во своето писмо за оставка. „Претседателот не го споделува, би рекол, моето гледиште дека чувањето на поствоениот меѓународен мир е неверојатно добро за Америка, добро е за луѓето што јас ги претставувам, тоа беше одлично за сите нас“, рече Томеј нагласувајќи ги фундаменталните разлики меѓу Трамп и „огромното мнозинство републиканци и веројатно и демократи“. Томеј го повика Сенатот да преземе посилна улога во надворешната политика во ерата на Трамп.

Гувернерот на Охајо, Џон Касич, за кој долго време се зборува дека ќе му биде конкурент на Трамп за републиканските претседателски избори во 2020 година, го нарече повлекувањето на војниците од Сирија „страшна грешка“ во интервјуто за Фокс њуз во неделата. А на Си-би-ес, идната координаторка на републиканците во Домот, Лиз Чејни, ја поддржа желбата на Трамп за граничен ѕид, но пееше друга песна за Сирија и Авганистан. „Јас сум длабоко, длабоко загрижена и категорично се противам на одлуката на претседателот да ги повлече војниците од Сирија“, рече таа. „Одлуката дека сега размислуваме да ги повлечеме војниците од Авганистан… овие две одлуки ќе бидат катастрофални“.

Сенаторот Ранд Пол од Кентаки, кој се појави на Си-ен-ен, зазеде речиси спротивен став на Чејни, спротивставувајќи се на ѕидот, освен ако неговите трошоци не се компензирани, и го пофали претседателот за излегувањето од Сирија и Авганистан. Тој го спореди Авганистан со Виетнамската војна. „Тоа беше стратегијата на Виетнам“, рече Пол. „Тие почекаа да си отидеме и талибанците ќе почекаат да си отидеме. Тие знаат дека на крајот ќе заминеме и мора да заминеме… Претседателот е во право, и мислам дека народот се согласува со него.“

Сенаторот Крис Коунс од Делавер во „Лицето на нацијата“ го сумираше одговорот на демократите на најавите на Трамп за војниците: „Со ненадејното повлекување од Сирија, претседателот Трамп им дава голем божиќен подарок на Владимир Путин и на ајатолахот Хаменеј“, рече тој. „Кога имате надворешнополитичка одлука на која ѝ се радуваат Владимир Путин и Ранд Пол, тоа е прилично добар знак дека тоа е ужасна идеја“. Организаторот на малцинството во Сенатот, Дик Дурбин, ги повтори зборовите на многу демократи во својата реакција на веста за Матис. „Ми го скрши срцето веста дека Матис ќе се повлече“, изјави демократот од Илиноис. „Ние сметавме на него дека ќе биде таму за да го спречи овој претседател во неговиот најлош импулс“.

Трамп, опкружен со малобројна екипа од владини службеници, можеби ги гледал емисиите во неделата; познато е дека знае да си ги пушти одвреме-навреме. Ако е така, видел дека не се останати многумина што го бранат. Уште за време на претседателската кампања, Трамп знаеше да им каже на приврзаниците дека „никој не го познава системот подобро од мене, па затоа само јас можам да го поправам!“ Изјавата на тогашниот кандидат беше пророчка: сега станува јасно дека ако Трамп тргне да поправа нешто, тоа ќе мора да го направи сам.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.