ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

БОГОЕВСКИ: НЕ НАРАЧУВАМ КОКАИН, ТУКУ МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС ЗА МОЈА БЛИСКА ЛИЧНОСТ

Пратеникот Павле Богоевски признава дека снимката која што се појави на руска социјална мрежа е автентична и не е монтирана, но негира дека договара за кокаин како што тврди „Громовник“ во описот на видеото. Богоевски се правда дека станува збор за нарачка на масло од канабис за медицинска употреба за негова блиска личност. Вели законски не е дозволено, но смета дека купувањето не е пуштање во продажба.

– „Станува збор за пола од шприцот во кој што се пакува маслото. Се пакува во шприц во кој што собира до два кубни милиметри, еден кубен милиметар чини околу 40 евра, значи 2400 денари, односно околу 2500 денари како што е во самиот разговор. Тоа што е симптоматично е дека деновиве треба да се расправа за одземање на мандатот на Никола Груевски, јас не гледам тука коинциденција, мислам дека има намерно поклопување и обиди за испракање на некаква порака. Дали станува збор лично од Будимпешта или од некоја локална екипа која работи по налог на Груевски, мене ми е сеедно.“ – изјави – Павле Богоевски – пратеник.

Од опозициската партија се оградуваат и ги повикуваат надлежните органи на брза разврска. Богоевски тврди дека снимката е направена од таксист со кој се возел пред околу два месеци. Пратеникот вели ќе пријави во полиција, а од Јавното обвинителство информираат дека постапуваат по објавените снимки.

– „Обвинителството и МВР се во постојана координација. По напатствија на Основното јавно обвинителство Скопје, МВР презема мерки и активности заради утврдување на идентитетот на сопственикот на наведениот профил на кој беа објавени снимките. Откако идентитетот ќе биде утврден и ќе бидат обезбедени релевантни докази, МВР ќе го извести обвинителството за да преземе кривичен прогон.“ – велат од Основно Јавно Обвинителство.

Кој се крие зад псевдонимот „Илија Громовник“ на руската социјална мрежа се уште е енигма. Овој пат не станува збор за разговор од прислушуван телефон како последните т.н. „бомби“ објавени од истоимениот профил, туку аудио снимка објавена на нов профил, под истиот псевдоним со објавена локација во Будимпешта. Откако снимката се прошири низ социјалните мрежи, оставка од Богоевски побара актерот Драган Спасов Дац кој минатата година се повлече од директорското столче на МНТ, кога со кола под дејство на алкохол удри во девојка. Но Павле Богоевски вели дека по оваа снимка, не би поднел оставка од функцијата пратеник.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.