ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Бислимовски: РКЕ не може да влијае врз цената на горивата

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не може да влијае врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите за нафтата и нафтените деривати, бидејќи работи по точно определена методологија, утврдена со Договорот за купопродажба на ОКТА, што е ратификуван од Собранието на Република Македонија во јуни 1999 година, оцени денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

-Со договорот Република Македонија како држава се обврзала да применува методологија која е составен дел од тој договор во анексот „Д“, за определување на цената на нафтата и нафтените деривати, односно бензинот и дизелот. РКЕ само ја имплементира и работи по методологијата која е дел од договорот. Пред формирањето на РКЕ тоа го правела Владата, а од 2004 година кога е формирана, таа обврска ја презема Регулаторната комисија, изјави Бислимовски пред почетокот на денешната подготвителна седница во РКЕ.

Тој посочи дека РКЕ не е дел од договорот, туку само државна институција што мора да ја применува методологијата.

-При определување на цената на нафтата и нафтените деривати најбитни параметри се цената на Бренд нафтата на светските берзи и курсот на доларот, што во овој период е во пораст. Во 2008 година цената на нафтата на берзите била околу 140 долари, а малопродажната цена на дизелот 74,5 денари. Сега цената на суровата нафта е околу 85 до 86 долари, а цената на дизелот 69,5 денари, но во 2008 година курсот на доларот бил 39, а сега е 53 денари, појасни Бислимовски и додаде дека РКЕ не може да не ја применува методолгијата утврдена со Договорот за купопродажба на ОКТА.

Нагласи дека РКЕ не била заслужна ни кога имаше драстичен пад на цената на нафтените деривати, ниту, пак, е виновна кога ја зголемува цената, бидејќи едноставно само го применува тоа што е одобрено и ратификувано во Собранието.

Важењето на Договорот, како што рече, е до јули идната година, кога согласно Законот за енергетика РКЕ е обврзана да донесе нова методологија.

-При носењето на новата методологија РКЕ ќе формира поширока работна група во која ќе ги покани поголемите трговци со нафта и нафтени деривати во Република Македонија и по првпат организациите на потрошувачи, со цел да бидат вклучени сите заинтересирани страни во процесот. Постои и друга опција, да има и целосна либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати, како што е во речиси сите земји во Европа и во поголемиот дел од соседните земји. Јас не сум приврзаник на тоа и сметам дека треба да одиме чекор по чекор, односно прво РКЕ да донесе нова методологија и да видиме како ќе функционира пазарот на нафта и нафтени деривати во тој момент, па понатаму доколку се создадат услови да има целосна либерализација, рече Бислимовски и додаде дека во овој момент цената на нафтата и нафтените деривата во земјава се најниска во регионот.

Поголемо влијание врз цената на нафтата и нафтените деривати, потенцира, имаат и сите давачки што ја оптоваруваат цената што ја плаќаат крајните потрошувачи.

– РКЕ не може да влијае врз тие давачки. Доколку дојде до значително зголемување на цената Владата може да разгледа и други солуции со цел да се заштитат граѓаните од ценовните шокови, рече Бислимовски и додаде дека од РКЕ очекуваат и во наредниот период да има благо зголемување на цената на нафтата и на нафтените деривати.

Прашан за коментар за последните поскапувања на автоплинот, Бислимовски рече дека РКЕ не е надлежна за цената на ЛПГ горивото, што слободно ја формираат трговците, и додаде дека таа сепак зависи од цената на суровата нафта на светскиот пазар.

– Во методолгијата што е составен дел од Договорот за купопродажба на ОКТА не е предвидено РКЕ да ја определува цената на ЛПГ. Инаку, ЛПГ како прв продукт при производството на нафтата логично е да ја следи цената на нафтата на берзите. Претпоставувам дека и трговците кои работат со ЛПГ ја следат цената на нафтата и го користат овој период да дојде до зголемување на малопродажната цената иако и нивниот влезен импут е зголемен, бидејќи цената на нафтата е во пораст на светските берзи, посочи Бислимовски.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon

Можеби сте пропуштиле

Британската и македонската Влада денеска во Лондон го потпишаа договорот за соработка. На договорот се потпишаа британскиот министер за извоз Гарет Томас и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, свеченото потпишување се одржа во историската зграда на Стариот Адмиралитет во Лондон. Со потпишувањето на овој документ, на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори. „Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период. Навистина сме благодарни што Обединетото Кралство, со својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои што се подготвени. Тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но и други проекти секако“, изјави Николоски по потпишувањето. Министерот за извоз Томас рече дека ова партнерство „отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија“. „Велика Британија има богато искуство во испораката на висококвалитетна инфраструктура низ целиот свет и среќен сум што го започнувам ова ново партнерство што ќе им помогне на повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија“, рече Томас. Од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство во првиот циклус од пет години ќе се повлечат околу 2,2 милијарди евра, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „360 степени“. „Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата. Никаде не пишува дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди, а британската Влада гарантира дека Македонија кога ќе ги земе кредитите, ќе ги врати“, рече Димитриеска-Кочоска. Министерката рече дека таа не може да даде повеќе детали за парите, висината на каматата и се останато, се додека не добие готов проект на маса. „Ќе мора да седнеме и со министерот за транспорт да се разговара да каже кои се проектите и потоа ние како Министерство за финансии, покрај што ќе добиеме понуда од банката по процедурите од финансии, ќе си побараме понуда и од други меѓународни институции, затоа што тоа го налага законот. Така што, во овој момент не би можела да зборувам повеќе детали затоа што немам зрел проект пуштен во Финансии, врз основа на кој ќе барам понуда од повеќе банки и ќе излезам да кажам колку е точно каматата би било несериозно. Она што го знам и го имам како информација, се разговара за клинички во Штип, болница во Кичево и онаа брза пруга“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.