Бељите на Валон Беља
Економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља, е хоспитализиран во Градската болница „Св.Наум Охридски“, откако вчера беше застрелан во населбата Чаир. Беља има повреда на ногата, поради што му е извршена интервенција, откако во него било пукано со два куршуми.
Од МВР вчера известија дека пукањето се случило во 17.45 часот на улицата „Лазо Трповски“ во скопската населба. Оној кој пукал во него бил во придружба со уште три други лица. Од полицијата се уште нема информација за идентитетот на лицето што пукало.
Неофицијално на пукањето му претходела тепачка. Во групата бил и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Како што објавија дел од медиумите претходно дента Беља му се јавил на Ганиу и побарал да се сретнат во Топанско поле, кај маркетот „Принц“.
Според неофицијални информации на ТВ 21, Беља, му замерил на градоначалникот за тоа што му била стопирана платата која што ја примал од општината. По ова неофицијално градоначалникот повикал други луѓе при што настанала тепачка која завршила со пукање.
Беља со години го следат контроверзии и насилни инциденти. Прв пат се појавува на политичката сцена со невладината организација „Реалитети“. Во 2010 година, како лидер на партијата „Албански сојуз“ дава провокативна изјава и вели дека целта на неговата партија е да ја подели Македонија на три кантони- еден македонски, еден албански и еден мешовит кантон.
Неговата партија „Албански сојуз“ подоцна се припојува со ДПА на Мендух Тачи, а Беља е назначен за потпретседател. Кратко потоа избиваат несогласувања помеѓу него и Тачи. Беља бара смена на Тачи од лидерската позиција, а лидерот на ДПА го исклучува од партијата.
По крајот на неговата кариера во ДПА, Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи по што заврши на Ургентниот центар.
По преминувањето во ДУИ, Беља беше вработен во Општина Чаир. Остана запаметен кога во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити остави куршум завиткан во салфетка. Причина за оваа порака било неговото барање за подобра функција, односно сакал да биде поставен за директор на Пензискиот фонд.
По тој инциден Беља беше приведен во полиција, но веднаш потоа пуштен. Тврдеше дека некој го мести. МВР му поднесе пријава за загрозување на безбедноста, но за случајот се уште нема правен епилог.