Бектеши не се повлекува од законот за минерални суровини
Министерот за економија Крешник Бектеши нема намера да го повлече предлог Законот за минерални суровини од собраниска процедура. Обвинувањата од Асоцијацијата на рударство дека тој може да внесе големи проблеми и одземање на концесии, тој ги отфрла како неосновани. Според министерот, државата ќе одзема концесии само во случај кога некоја компанија од овој бизнис ќе ги прекрши правилата.
„…Јас не би кажал дека законското решение е субјективно, туку дека прецизира некои работи кои досега не беа средени, а тоа беше едно од главните барања на граѓаните на Северна Македонија“, вели Бектеши.
Вчера од Асоцијацијата за рударство се пожалија дека не било побарано мислење од нив за измените на Законот за минерални суровини. Нема да прифатат законско решение во кое ќе има можност за еднострано раскинување на концесијата за експлоатација.
„Знаете, се собрале одреден број на луѓе, конкретно не дека се загрозила животната средина, туку не сме примиле некој на работа, не сме излегле во пресрет и тогаш може да донесат одлука за раскинување на концесијата“, рече Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство.
Властите велат дека досега во земјава ниту една концесија не е одземена поради популизам и додворување на граѓаните. Од рударскиот сектор пак велат дека поддржуваат построги контроли, но сакаат прецизни законски решенија. Бизнисмените сметаат дека во предложените измени постои простор за манипулација и уцени од страна на државата, доколку компанијата која ја добила концесијата не игра како што свири владата.