Без пресуда уште еден случај на СЈО, „ТНТ“ ќе почне од почеток
Уште еден судски процес на некогашното Специјално обвинителство ќе мора да почне одново. По две години судење, случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, чиј рок за пресуда истече денеска, ќе мора да се врати на самиот почеток. Причина за тоа е што истече мандатот на едната судијка-поротничка.
„Што ќе одлучат, не е мое да коментирам. Законски би требало да им престане мандатот. На овој начин во постапката нема да има процесни пропусти, би се завршила легално и би се дознала вистината“, рече Јовица Страшевски, адвокат на Тони Трајковски.
А, причина за одложување на денешното рочиште беше тоа што ниту денеска во судот не се појави обвинетиот екс-градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, кого завчера го претепаа две непознати лица. Тој бил вратен во болница. Судењето продолжува на 17 јануари. Тогаш ќе треба да има нов состав на протници.
Во текот на денов, обвинителот Бурим Рустеми имаше обид да ја одвои постапката за Трајковски и членовите на комисијата и со тоа да има пресуда за Никола Груевски, Миле Јанакиески и Елисавета Најдовска. Но, судот тоа го одби. Претходно бурно реагираше Јанкиески. Имал низа прашања до Трајковски кои ќе помогнеле за да се дознае вистината за уривањето на објектот.
„Ако целта на обвинителството е да се скине главата на Миле Јанакиески, тогаш повелете“, рече обвинетиот Јанакиески.
Со враќањето на судењето одново, обвинителот Рустеми не очекува да застари кривичното дело, но очекува дека одбраната повторно ќе ја одолговлекува целата постапка.
„Сметам дека имаше простор да се раздвои постапката, имаше основи и услови да се финишира предметот којшто навистина е во завршна фаза. Меѓутоа ја почитуваме одлуката на судот и најверојатно ќе се започне постапка од почеток и ќе трае определен временски период“, рече обвинителот Рустеми.
За уривањето на „Космос“, покрај Груевски, Јанакиески и Трајковски, обвинети се и уште четворица вработени во општината Гази Баба. Според обвинителството, нарачката дошла од Груевски, кој му бил лут на Цаноски дека ја напуштил коалицијата со ВМРО. Уривањето го координирал Јанакиески, а логистиката дошла од општина Гази Баба.