Без договор Скопје-Софија, нема напредок на Македонија кон ЕУ
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи се надева дека ќе биде послушан повикот за разум за надминување на отворените прашања меѓу Скопје и Софија, а неговата бугарска колешка Екатерина Захариева нагласи дека не треба во ЕУ да бидат пренесени проблемите од надвор.
Решение на проблемот меѓу Скопје и Софија е предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу земјава и Европската унија која требаше да се одржи во декември. Ова го потврди германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, по самитот на Берлинскиот процес со кој претседаваа Бугарија и Северна Македонија, а се одржа онлајн поради пандемијата со коронавирусот.
“За земјата да пристапи кон ЕУ мора да имаме преговарачка рамка која треба да биде одобрена од сите земји членки на ЕУ. Се надевам дека има решение кога станува збор за билатералниот проблем кој постои меѓу Бугарија и Северна Македонија, но овие прашања може да бидат решени само меѓу двете вклучени земји. Тоа е предуслов за пристапната конференција да се случи и ќе продолжиме да работиме многу силно како што посакуваат страните да дадеме придонес во тоа“, рече Маас чија земја, Германија до крајот на годинава е шестмесечен претседавач со ЕУ
На онлајн прес конференцијата, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева како забелешка за односот на Скопје кон Софија ги спомена негативните изјави кои ги имало во македонската јавност кон источниот сосед, нагласувајќи дека само во последните месеци имало повеќе од десет илјади негативни публикации со говор на омраза кон Бугарија. Одговарајќи на новинарско прашање дали се спремни како држава да го сносат товарот во случај да ја блокираат Македонија и со тоа да се зајакнат странските влијание во земјава Захариева одговори потврдно.
„Да, ќе ја сносиме нашата одговорност, ние сме навикнати да носиме одговорност, но многу би сакала и колегите во Скопје да ја имаат нивната одговорност и да ја сносат. Бидејќи во моментов имаме германско претседателство и Германија е една од земјите основачи на ЕУ, не се многу такви, треба тоа да го потцртам, кои го поддржуваат проширувањето и посебно за земјите од Западен Балкан мислам дека е шанса која Скопје не треба да ја пропушти“, рече Захариева.
Таа нагласи дека еден месец се обидуваат да водат интензивни преговори со Скопје и дека таа повеќе слушала што не треба да се направи отколку што ќе се направи, па додаде дека Советот на ЕУ бил одложен за една недела, период кој земјава требала да го искористи.