Арсовски: Бучковски е одличен познавач на македонско-бугарските односи
Арсовски рече дека Бучковски е почитуван од бугарските општествени и политички чинители и е добро примен во тамошната јавност.
Владо Бучковски е одличен познавач на македонско-бугарските односи и треба да придонесе кон создавање на позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарски прашања за одлуката на Владата да го именува за специјален претставник за Бугарија.
Арсовски рече дека Бучковски е почитуван од бугарските општествени и политички чинители и е добро примен во тамошната јавност.
– Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрување на односите со соседска Бугарија, истакна Арсовски на редовната прес-конференција во Владата.
Повтори дека нема потреба од нов договор или анекс на договорот и појасни дека патоказот би бил во насока на зајакнување на довербата за поголема ефикасност и функционалност на Договорот за добрососедство од 2017 година.
– Се разговара за сите дилеми и загрижености што Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017, како да се забрза изградбата на Коридорот 8. Се разговара за тоа како да запре говорот на омраза, на кој начин да се забрза работата на историската комисија. Се ова е во насока на воспоставување на доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов договор и од анекс. Се што има потреба е да се дообјасни и да се детализира во некој придружен документ. Во таа насока е и патоказот за којшто реферирате. Тоа е една идеја што е во насока на зајакнување на довербата за ефикасност и функционалност на Договорот за добрососедство. Така што, Владата смета дека тој план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор надвор од преговарачката рамка, појасни Арсовски.
Нагласи дека македонскиот јазик и идентитет остануваат неспорен факт и оти ќе станеме дел од Европската унија како Македонци кои зборуваат македонски јазик.