Арсовска ќе ги враќа приватните автобуси на скопските улици
Станува збор за индивидуални превозници кои се или беа дел од двете здруженија на приватни превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“, кои прекинаа да сообраќаат на линиите што ги опслужуваа поради, како што наведуваат оттаму, неисплатени долгови од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ кое е во надлежност на Град Скопје
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција соопшти дека Градот Скопје изготвил нов јавен повик на кој секој од индивидуалните приватните превозници што ќе ги исполни условите ќе му биде овозможено да добие линија на која ќе врши превоз на патници во главниот град.
Станува збор за индивидуални превозници кои се или беа дел од двете здруженија на приватни превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“, кои прекинаа да сообраќаат на линиите што ги опслужуваа поради, како што наведуваат оттаму, неисплатени долгови од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ кое е во надлежност на Град Скопје.
„Покрај автобусите на ЈСП кои возат според стандарди, Градот Скопје изготви и нов јавен повик каде што на секој од досегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да си аплицира да си добие линија со исполнување на условите што ќе бидат во јавниот повик и да си работи чесно за да може да се обезбеди соодветен јавен превоз“,
изјави Арсовска.
Претходно на јавните повици приватните превозници не се пријавуваа индивидуално туку како дел од двете здруженија „Макескпрес“ и „Слобода превоз“.
На овој начин, градоначалничката на Скопје рече дека сака да ги демантира манипулациите на оние „што ставиле в џеп десетици милиони евра за да си го скријат сопствениот криминал“, алудирајќи притоа на раководството, односно директорите на двете здруженија на приватни превозници.
„Ќе возат овие луѓе што работат за корка леб. Меѓутоа, ќе работат чесно, ќе работат со фискални апарати и ќе работата директно, а не преку овие што ги злоупотребувале во изминатите пет години и тие пари си ги ставале в џеб, а се гледа тоа и по самите луѓе и по сето она со кое располагаат, кој е оној што е богат, а кој е оној што работи да си го прехрани семејството“,
рече Арсовска на прес-конференцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање како ЈСП „Скопје“ ќе го надомести недостигот од околу 200 автобуси кои во моментов не сообраќаат на неколку линии во градот, поради случајот со двата приватни превозници, Арсовска рече дека не станува збор за толку автобуси и оти откако таа е дојдена возниот парк на ЈСП е зголемен речиси двојно.
„Не се двесте автобуси, се работи за бројка од педесетина автобуси преку здружението на `Слобода превоз’, не е толку голема бројката затоа што едните опслужуваа пет линии, другите опслужуваа 11 линии. Она што ние го начекавме во ЈСП беа 140 автобуси, останатите не возеле за да можат овие две здруженија да прават повеќе километри кои гледаме си ги полнеле џебовите со средства на граѓаните. Во меѓувреме ЈСП се консолидира, се реформира и од 140 автобуси, со тоа што е овозможено да се репарираат да имаат соодветни делови, да се овозможи да бидат функционални со што сега се оспособени над 270 автобуси. Сметаме дека со полниот капацитет ЈСП ќе може да биде квалитетен и самодоволен .Меѓутоа не ни е целта да ги исклучиме овие луѓе затоа што тие инвестирале, бараат и тие некаква правна сигурност и тоа ќе биде овозможено на начин кој ќе биде чесен и транспарентен“,
рече градоначалничката на Скопје, Арсовска.
Таа на денешната прес-конференција ги обвини раководствата, односно директорите на двата приватни превозници дека во изминатите пет години, односно од 2017 година до сега немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
Автобусите кои возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот, оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров за надминување на состојбата завршија без договор, што уште повеќе го зголеми антагонизмот меѓу приватниот превозник и Градот Скопје, односно градоначалничката Арсовска.