ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Арсовска не попушта за изградбата на булевар и згради во Бутел

Скопската градоначалничка Данела Арсовска е децидна дека нема да отстапи од проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ во Бутел и покрај отпорот на жителите на овој дел од градот, поддржани од градоначалникот на општината Дарко Костовски.

Арсовска потенцира дека изградбата на овој булевар е предвидена во Генералниот урбанистички план за Скопје уште од 2002 година, а подоцна проектот бил потврден и со следниот ГУП од 2012 година кога со градот раководел Коце Трајановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.-Значи, овој булевар е предвиден и ветуван нешто повеќе од 20 години. Се работи за капитален проект за изградба на целосно ново булеварско решение, кое вклучува изградба на нова водоводна и атмосферска мрежа, како и ново улично осветлување. На булеварот се проектирани и велосипедска патека, пешачка патека и соодветно партерно уредување по целата негова должина – истакна Арсовска.

Таа нагласи дека поголемиот дел од предвидениот булевар се простира на државно земјиште, но на останатиот дел, како што вели, постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови и бесправно користат дел од државното земјиште на кое треба да се протега останатиот дел од булеварот.

-Со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија е казниво дело. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика – истакна Арсовска.

Таа посочи дека ДУП-от, кој предвидува е изградба на седум згради, го изгласале токму од ВМРО-ДПМНЕ, а Костовски не реагирал да ги поништи овие седум објекти ниту на вцртувањето на нови згради во Бутел.

Претходно, жители на улицата „Хо Ши Мин“ излегоа на протест за да им укажат на општинските и градските власти дека нема да дозволат изградба на дел од улицата „Боца Иванова“ со која ќе им биде одземено дел од земјиштето што го користат од 1964 година.

-Денес со задоволство се приклучив кон протестот кој го организираа жителите на улицата ‘Хо Ши Мин’, за време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам сè од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот. Нема да дозволам во Општина Бутел повторно да дивее урбаната мафија, исто така нема да дозволам мирните граѓани на оваа општина да бидат третирани како криминалци – рече Костовски на протестот.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.