Апелација одлучи: Вкупно 188 години затвор за 16 осудени за „27 април“, казната на Чавков намалена од 18 на 16 години
Апелацискиот суд им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени доделени се 188 години затвор. На ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, му ја намали казната за две години, од 18 на 16 години затвор
Апелацискиот суд во Скопје делумно им ги уважи жалбите на 16 лица кои беа осудени со првостепена пресуда од Основниот кривичен суд во најмасовниот судски предмет за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Сите што добија осудителни пресуди од првостепениот суд, Апелација ги прогласи за виновни, но им ги намали затворските казни за една до две години.
Во однос на Игор Дурловски, кој доби ослободителна пресуда, за што се жалеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, Апелацискиот суд ја потврди одлуката од Кривичен и го прогласи за невин.
Сите во овој судски процес се гонеа за делото терористичко загрозување за уставниот поредок и безбедноста. Во него беа опфатени лица од МВР, меѓу кои и тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, лица од патриотските здруженија, вработени во собраниското обезбедување…
Правосилната пресуда на Апелација за секој од осудените е следна:
- Митко Чавков – намалување на казната од 18 на 16 години затвор
- Митко Пешов – намалување на казната од 15 на 13 години затвор
- Душко Лазаров – намалување на казната од 15 на 13 години затвор
- Горан Ѓошевски Леви – намалување на казната од 15 на 13 години затвор
- Оливер Поповски – намалување на казната од 13 на 11 години затвор
- Оливер Радулов – намалување на казната од 10 на 9 години затвор
- Мунир Пепиќ – намалување на казната од 15 на 13 години затвор
- Абдуљфета Алими – намалување на казната од 7 на 6 години затвор
- Младен Додевски – намалување на казната од 12 на 11 години затвор
- Јане Ченто – намалување на казната од 15 на 13 години затвор
- Горанче Анѓеловски – намалување на казната од 12 на 11 години затвор
- Игор Југ – намалување на казната од 12 на 11 години затвор
- Влатко Трајковски – намалување на казната од 15 на 14 години затвор
- Вилијам Михајловски – намалување на казната од 14 на 13 години затвор
- Никола Митревски – Кољо – намалување на казната од 15 на 14 години затвор
- Александар Василевски – Нинџа – намалување на казната од 8 на 7 години затвор
Во овој предмет, покрај сега правосилно осудените, беа опфатени уште 15 лица. Меѓутоа, тие добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието во декември 2018 година.
Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.
Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која сега ја потврди и Апелација.
Со амнестијата се спасија и: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Покрај 15 обвинети во овој предмет, амнестирани беа уште 10 други лица опфатени во помалите предмети кои се однесуваа на учество во толпа.
Во моментов, пак, пред Основниот кривичен суд во Скопје се води судски процес и за организацијата на настаните од 27 април 2017 година, за што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги обвини по: поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. И тие се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Со нив во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ескразузнавачот Никола Бошковски. Меѓутоа, тие ќе станат обвинет кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.