ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Анти-ковид вакцините и имунизацијата на населението засега остануваат само празни зборови

Вкупно 8.000 вакцини против ковид-19 кои требаше Србија да ѝ ги испорача на земјава, сепак нема да пристигнат денеска заради тоа што, како што информираа во Владата, нема усогласување на техничката документација. Иако премиерот Зоран Заев ова го оцени како сериозен чин на пријателство, сепак, последното одложување прави државава да без започнат процес на имунизација на населението и конечно справување со пандемијата на вирусот кој речиси цела година се шири во земјата.

Македонските власти во изминатите месеци договараа испорака на вакцини со властите во скоро сите соседни земји, но досега ниедна од овие најави не стана реалност.

Најпрво, во ноември минатата година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, на неговиот колега Зоран Заев му понудил Северна Македонија да биде дел од набавката на вакцини. За оваа понуда информираше министерот за здравство Венко Филипче.

„Имаме понуда која доаѓа од премиерот Мицотакис, кој на нашиот премиер Заев за време на нивната последна средба на Самитот во Солун, покажал добра волја да бидеме дел од нивната набавка на вакцини. Грција, бидејќи е членка на ЕУ има директен договор за набавка“, рече министерот на 10 ноември минатата година.

Државата, освен тоа, понуда за донација на вакцини доби и од Полска, но и тоа не се реализираше до сега.

Министерството за здравство, на 22 декември информираше дека Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на Македонија.

„Со оваа одлука во нашата земја вакцини против ковид-19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на Европската Унија. Министерот Филипче во Софија е на покана на премиерот Бојко Борисов и министерот за здравство проф. Костадин Ангелов,“ информираа тогаш во министерството.

Потоа следуваа најави за набавка на вакцини во јануари, па во февруари, а сега се споменува и март. Во меѓувреме, во моментот кога многу извесно беше дека ќе стасаат првите дози од фајзеровата вакцина како донација од Србија, и тоа не се случи.

Пред три дена, министерот Филипче го потпиша договорот за набавка на вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со договорот, Република Северна Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200.000 вакцини кои е најавено дека ќе пристигнат овој месец. Од Министерството за здравство рекоа дека точниот датум на пристигање и сите други информации ќе се знаат деновиве.

„Почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласност со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи“, рекоа во министерството.

Државата претходно набави и фрижидери за чување и транспорт на Фајзеровата вакцина, а подготви и план за вакцинација на населението со кој во првата фаза треба да се вакцинираат медицинскиот персонал и возрасните лица над 71 година.

Од синоќа, македонските граѓани можат да ја пополнат и апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против ковид-19. Како што инфомираа надлежните, за само неколку часа апликацијата вчера ја пополниле повеќе од 8.000 лица, а до сега вкупно се регистрирале околу 24.000 лица. Во текот на вчерашниот ден имаше технички проблеми при најавата во системот, кои денеска се надминати.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.