Ангеловска со Бернс: САД 25 години се вистински пријател на С. Македонија и вложуваат во нејзиниот просперитет
САД се 25 години вистински пријател на РС Македонија, кој на дело ја покажува важноста на градењето мостови меѓу државите. Иако не се само бројките тие што ја покажуваат посветеноста на народот на САД на просперитот на партнерската држава на Балканот, тие се импресивни, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на првата официјална средба со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Бернс.
– САД преку УСАИД имаат инвестирано 640 милиони долари во програми кои создадоа нови работни места, поддржаа слободни и фер избори, ги подобрија меѓуетничките односи и придонесоа за вклучување на маргинализирани и ранливи групи, посочи министерката Ангеловска.
Како што соопшти Министерството за финансии, неодамна нашата држава ја доби и втората транша од 11 милиони долари од грантот од САД кој изнeсува 25,5 милиони долари и е наменет за развој. Проектите реализирани во овие рамки, наведуваат во соопштението, имаат за цел да се подобри пристапот до финансии за микро, малите и средни претпријатија, како и да се обезбеди поголема енергетска сигурност. Дел од средствата се насочени кон помош во градење на капацитетите на извршната власт и кон зголемување на вклученоста на маргинализираните групи во општеството.
Ангеловска нагласи дека како човек кој доаѓа од приватниот сектор, гледа на овој проект како значајна алатка што им помага на фирмите да станат поконкурентни.
Од Министерството посочуваат дека Ангеловска го реафирмирала значењето на поддршката на САД во интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ и очекувањето за поттикнување на економскиот раст. На средбата било разговарано и за други клучни прашања од соработката.
Амбасадорката Бернс го поздравила позитивниот и енергичен став на министерката Ангеловска како пристап со кој навистина може да се менуваат институциите и целокупната култура на работење.