Американците нема да ја субвенционираат бруталната војна на Путин во Украина, рече Бајден
Претседателот на САД Џо Бајден денес патува во Полска, по средбата во Брисел со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Бајден и фон дер Лајен најавија формирање на заедничка работна група за намалување на зависноста на Европа од руските фосилни горива.
Бајден рече дека рускиот претседател Владимир Путин го искористил профитот од продажбата на енергија „за да ја вози својата воена машина“ во Украина.
Тој рече дека сака да стави до знаење дека „американскиот народ нема да биде дел од субвенционирањето на бруталната, неоправдана војна на Путин против народот на Украина“.
„Ние сме решени да се спротивставиме на бруталната војна на Русија“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека „оваа војна ќе биде стратешки неуспех за Путин“.
Во Полска, Бајден ќе го посети источниот град Жешов, во близина на границата со Украина. Полска, сојузник на НАТО, прифати милиони украински бегалци.
Бајден вчера рече дека ќе има западен воен одговор доколку Русија употреби хемиско оружје во Украина.
„Тоа би предизвикало соодветен одговор“, одговори Бајден на новинарско прашање за време на прес-конференција во Брисел.
Тој, исто така, рече дека Русија треба да биде отстранета од групата на 20 големи економии, а на Украина да ѝ биде дозволено да присуствува на состаноците на Г20.
Бајден рече дека ова прашање било покренато вчера за време на неговите состаноци со други светски лидери, еден месец од руската инвазија на Украина.
На прашањето дали Украина треба да отстапи некоја територија за да постигне прекин на огнот со Русија, Бајден одговори:
„Не верувам дека ќе мора да го направат тоа, но тоа е одлука на Киев“.
Тој рече дека САД ќе издвојат повеќе од една милијарда долари за хуманитарна помош и ќе дозволат 100.000 бегалци од Украина, а ќе инвестираат и 320 милиони долари за поддршка на демократската отпорност и одбрана на човековите права во Украина и соседните земји.