Алтернатива ќе ги води здравство, информатичко општество и дијаспора

Три заменци министри, МЕПСО, Железница, Фонд за здравство, Агенција за странски инвестиции се дел од позициите кои ги доби Алтернатива за влез во Владата. Вонредни парламентарни избори нема да има, парламентарното мнозиство е стабилно порачаа Гаши и Заев
СКОПЈЕ – Алтернатива влегува во Владата а државата излегува од политичката криза и ќе добие функционално Собрание со стабилно мнозинство, соопштија лидерите на СДСМ и Алтернатива, Зоран Заев и Африм Гаши, по средбата во Клубот на пратениците со која се официјализираше договорот постигнат во преговорите.
„Постигнавме договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година со амбиции и да продолжи. Постигнатиот договор, е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза“, изјави премиерот во оставка Зоран Заев.
Тој нагласи дека со формирањето на новото парламентарно мнозинство коие сега брои 64 пратеника нема да има вонредни избори догодина.
За влез во Владата Алтернатива добива три министерства, три заменички места и десетиа државни институции.
„Алтернатива ќе ги води министерството за здравство, министерство информатичко општество и министерство без ресор задолжено за дијаспората. Алтернатива ќе добие и заменици министери во МОН, министерството за култура, а за третиот ресор се дискутира, но разговаравме за заменик министер во министерството за земјоделство.Алтернатива ќе водиповеќе институции на централно и локално ниво како што се МЕПСО, Фонд за здравство, железници, Клинички центар Тетово и Агенција за странски инвестиции“,изјави Заев.
Засега потврдено е само името на Беким Сали кој ќе го замени Филипче во задрвство а се шпекулира дека во МЕПСО ќе влезе Орхан Муртезани.
Премиерот во оставка потврди дека новиот претседател на СДСМ ќе биде и нов мандатар а својата оставка ќе ја депонира на крајот од годинава.
Одлуката за влез во Владата не била лесна, соопшти Гаши на заеднишката прес конференција.
„Шеесет и четири пратеници ќе бидат од парламентарното мнозинство и ќе работат искрено и сериозно, со цел да се излезе и од здравствената, и од енергетската и од економската криза, во која сите ние се наоѓаме и ја чувствуваме. Алтернатива беше исправена пред многу тежок период и предизвикот дали да продолжи таму каде што е или да придонесе во историскиот процес за отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ. Примарно беше да бидеме вофункција и во интерес на државната и регионалната стабилност и во интерес на Албанците и на сите граѓани во нашата држава“, изјави Гаши.