ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Алтернатива пробува да се „врати во игра“ со предлог за заедница на албански општини

Освен Изет Меџити од „огнените“ на ДУИ никој друг не го прифати предлогот на АлтернативаНекои во Македонија почнаа да гледаат на можноста за смирување на тензиите меѓу Србија и Косово ако утре во Брисел Александар Вучиќ и Албин Курти го прифатат европскиот план, како можност да отворат нова безбедносна криза во регионот. Алтернатива, чии министри беа разрешени пред неколку дена, веднаш излезе со предлог во Македонија да била формирана заедница на албански општини.

„Западните сојузници бараат на Косово да се формира заедница на српски општини, па излегува дека таа заедница е во духот на западните вредности. Многу добро. Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина”, изјави генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

Речиси инстантно тоа го прифати водачот на „огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити, кој е и потпретседател на партијата. „Ако можат Србите да добијат заедница со 4 проценти застапеност во Косово, зошто не би можеле Албанците во Македонија со застапеност од 30 проценти“, рече Меџити.

„Огнените“ и Алтернатива од неодамна имаат заеднички јазик на разбирање по меѓусебните средби. Но нема разбирање кај другите структури на ДУИ. Координаторот на пратеничката група, Арбер Адеми, тој предлог го оквалификува како „антиамерикански“, што треба да биде клучна оценка дека нешто не е во согласност со албанските интереси.

„Патетично, антиамериканско и антиевропско и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивнa определба“, напиша Адеми.

Партијата која до минатата до неодамна беше во владината коалиција, па излезе од неа, Демократски сојуз, остро ги отфрли таквите предлози.

„Оваа националистичка реторика претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на Македонија. Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот, што е главна стратегија и цел на Русија, како и на националистите во Бугарија. Компарацијата со Косово е апсолутно неточна и нема никакви сличности. Македонија е унитарна држава во која сите етнички заедници ги уживаат сите права и слободи и така ќе остане“, соопшти партијата на Павле Трајанов.

Од СДСМ велат дека ова барање е несериозно.

„Состојбата во Косово на никој начин не може да се преслика и во нашата држава. Согласно Законот за локалната самоуправа и согласно Законот за меѓуопштинска соработка, соработката помеѓу општините во нашата држава е апсолутно овозможена. Секоја општина може да соработува во која било форма, кога ќе си го најде интересот за одредена тема“, велат од СДСМ.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доволен е Охридскиот договор и додава дека ваквите идеи можат да ги влошат меѓуетничките односи

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.