Албанија го отвори вториот кластер во преговорите за членство во ЕУ
Албанија забрзано граба кон Европската унија. Земјата отвори нов кластер од преговорите со Унијата кој се однесува на надворешните односи.
Албанскиот премиер е свесен колку е ова важно за неговата земја, која стана земја-кандидат пред точно десет години. Неговата амбиција сега е Албанија целосно да се интегрира во Унијата до крајот на оваа декада. Вели, ниту го заборава ниту го потценува принципот на заслуги.
„Нашата амбиција не е тајна. Сакаме нашата домашна работа да е завршена и нашите преговори да завршат во 2027 година. Се надевам нашето членство ќе биде заклуено оваа декада“, рече Рама.
За челниците на Унијата ова е пресвртница во проширувањето. Огромен чекор и силен сигнал што се испраќа не само кон Албанија, туку и кон целиот Западен Балкан кој со години чека на членство во Унијта. Унгарија која за 15-тина дена го завршува претседавањето со Унијата и која важи за голем поддржувач на проширувањето го разбира значењето на пистапниот процес како влог во стабилноста, мирот и развојот на Западен Балкан.
„Тие чекаа за пристапување 15 години и тоа не е во ред. Им должиме почит. Овој процес постојано се одлагаше. Сакаме да завршиме со блокада. 15 години не сме виделе никакви мерки или чекори кога станува збор за проширувањето. Тоа ќе го поткопа нашиот кредибилитет како Унија“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Питер Сијарто.
„Проширувањето останува врвен приоритет на ЕУ. Посветени сме да постигнеме поголеми резултати во наредните години. Ова ќе ја направи нашата Унија целосна, посилна и поголема во предизвикувачки и геополитички контекст кој рапидно се менува“, рече еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Албанија го почна процесот на скрининг заедно со Македонија. Долги години планот на Унијата беше двете земји да се движат по иста патека, но европскиот пат на Македонија е условен од уставните измени.
Додека не го смени Уставот и не ги вметне Бугарите, Македонија нема да отвора кластери во преговорите со Унијата, па еврокомесарката Кос нема да има можност да и се обрати на земјата на македонски, како што го стори денес на албански јазик од прес-салата во Брисел.