ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ако Собранието не се состане, Пендаровски ќе одлучи дали ќе прогласи вонредна состојба

Предлогот на Владата за прогласување вонредна состојба не е пристигнат сè уште во Собранието, но се чека тоа да се случи во секој момент.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот профил на Фејсбук напиша дека предлогот за прогласување вонредна состојба се подготвува и треба да биде доставен до Собранието. Но, доколку Собранието не се состане, претседателот на Собрание ќе го проследи предлогот до Пендаровски по што ќе се обрати до јавноста.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за МИА вели дека го очекува предлогот на претседателот на техничката влада, Оливер Спасовски, што ќе го проследи до претседателот на државата кој има надлежности за прогласување вонредна состојба во државата.

Џафери го дели мислењето со одредени експерти дека по самораспуштањето и распишувањето на избори парламентот не може да се состане повторно.

Изборите според претседателот на Собранието ќе бидат одложени со уредба од страна на Владата, врз осознава на член 126 од Уставот.

Врз основа на членот 125 од Уставот став 4 ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Владата денеска одлучи да побара веднаш да се воведе вонредна состојба на територијата на цела држава поради заканите од коронавирусот.

„На денешната седница донесовме одлука да предложиме воведување вонредна состојба на територијата на нашата држава. Мерките што се донесоа досега ги дадоа очекуваните резултати, но тие мерки сега треба да се засилат, за да спречиме пик на вирусот. Убедени сме дека можеме да спречиме ескалација со воведување вонредна состојба. Владата одржа седница и донесе одлука да му предложи на Собранието да воведе вонредна состојба. Тоа е распуштено, но постои уставна одредба дека претседателот има овластување да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Ова ќе биде првпат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава и ова е мерка која претставува најтешката одлука што ја донела која било влада досега“,

рече Спасовски.

Воведување на оваа состојба, потенцираше тој, не значи дека по автоматизам ќе се воведат рестрикциите на слободите и движењата на граѓаните. Доколку дојде до рестрикции и мерки, тие одлуки ќе се носат на дневно ниво, а граѓаните како и досега редовно ќе бидат информирани.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.