Адеми: Одлуките за избор на најповолна понуда за учебници се потпишани
Министерот за образование Арбер Адеми денеска изјави оти оваа недела ги потпишал одлуките за избор на најповолна понуда за учебници и додаде дека прашање на време е кога ќе се испечатат новите учебници и ќе бидат дистрибуирани до сите училишта.
Адеми денеска учествуваше на традиционалната манифестација „Градиме мостови”, а одговарајќи на новинарски прашања за недостигот на учебници, како и за нивниот лош квалитет напомена дека во однос на откупот навреме се обезбедни учебници и навреме се дистрибуирани.
-Кога сме кај печатењето од 2014 не сме имале јавна набавка за печатење учебници. Јас веќе оваа недела ги потпишав одлуките за избор на најповолна понуда. По пет години имаме успешна јавна набавка, а печатење учебници – тоа е поврзано со учебниците за кои Министерството за образование има екслузивно право, авторските екслузивни права ги има МОН. Во прашање е само време кога ќе се испечатат новите учебниците и истите ќе бидат дистрибуирани до сите училишта, изјави Адеми.
Министерот е оптимист дека ќе се постигне договор со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура. Тој не сака да мисли на лоши сценарија и верува дека ќе се постигне договор. Во понеделник повторно ќе се сретне со Сидикатот, кој постави ултиматум дека доколку не се прифатата нивните барања за повисоки плати, ќе организира генерален штрајк.
Во основните и средните училишта оваа година наставата почна еден ден подоцна, поради предупредувачкиот штрајк на наставници членови на СОНК и тие што солидаризираа со нив. Штрајкувачите на првиот училишен ден на работа без обврски, а оние кои не се приклучија кон штрајкот одржуваа настава.
СОНК во понеделникот му даде уште една недела на МОН пред да одлучи дали ќе ја прифати понудата за зголемување на платите во образовната дејност. Ако не се исполнат неговите барања најави генерален штрајк во основните и во средните училишта.
-Од МОН ни побараа плус време за преговори во кои се утврдува процентот на зголемување на платите и времето од кога тоа би се случило. Објаснија дека им треба време за пресметки и консултации со други институции. Одлучивме да дадеме седум дена, изјави тогаш претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Наставниците не се задоволни од пет процентното зголемување на платите и бараат повисоки плати за 25 проценти.
Министерот денеска присуствуваше на „Градиме мостови“ – заеднички проект на МОН, Амбасадата на Кралството Холандија, владите на Швајцарија и на Ирска и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а негова цел е да ги зголеми интеракцијата, разбирањето и интеграцијата во училишната средина.