Адвокатот Димишков тврди дека Камчеви сакале да го искористат за притворот во „Империја“
Со сведоци на одбраната продолжи денешното судење за случајот „Рекет“. Прв на листата на сведоци на предлог на обвинетиот Бојан Јовановски, беше адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова која постапуваше во предметот „Империја“ како судија на претходна постапка и која му определи притвор на Орце Камчев.
Адвокатот Димишков пред судот сведочеше дека се сретнал неколку пати со Камчев, неговата сопруга Ана Камчева и со Зоран Милевски-Кичеец. Појасни дека кога му била определена мерка притвор на Камчев бил побаран од неговата колешка адвокатка, Камчева и од Милевски за, како што рече, да биде вклучен во тимот адвокати кој требало да го застапува Камчев во „Империја“.
„По определување притвор за Камчев ме побараа повеќе лица. Меѓу нив беа и Милевски и Камчева. Инсистираа да се вклучам во адвокатскиот тим. Ми појаснија дека имаат стратегија за одбрана на Камчев, разговаравме за притворот и им укажував за постапките и законските рокови. Колешката Камчева ме сфати, бидејќи и таа е адвокат, а се договоривме да направам пресметка колку би чинело да ги застапувам и пак да се видиме“, сведочеше пред судот Димишков.
Тој пред судот појасни дека се посомневал дека сакале да го искористат и да го ангажираат бидејќи бил брат на Димишкова, а со неговото застапување на Камчев тие би имале законска основа да побараат изземање на неговата сестра од постапувањето за притворот.
„Анализирајќи го разговорот, проценив дека не би требало да му бидам адвокат, па така им кажав сума која знаев дека нема да им биде прифатлива и откако им ја соопштив повеќе не ме побараа“, рече пред судот адвокатот Димишков.
За обвинетите Јовановски и Јанева, Димишков рече дека првиот го познава бидејќи бил препорачан да биде адвокат на „Меѓународниот сојуз“, а за Јанева рече дека не ја познава лично.
Пред судот Димишков дополни дека во негово присуство немало никаков телефонски разговор на некое лице со Катица Јанева.
На неговото сведочење бурно реагираше обвинителката Вилма Русковска која изненадено го праша дали покрај тим од адвокати и фактот што и сопругата на Камчев е адвокатка, Милевски и Камчева побарале тој да им ги објаснува законските процедури. Димишков дополни дека веќе ги појаснил нивните намери и дека нивното инсистирање било Камчев да излезе од притвор на 21 ноември за празникот Св. Арханегл и Михаил кој им бил слава.
Со неговото сведочење заврши денешното рочиште за „Рекет“, а за следното кое е закажано за наредниот четврток сведок ќе биде Владимир Тородовиќ, поранешниот градоначалник на Општина Центар.