Kомисијата за заразни болести предлага угостителските објекти да работат до 18 часот
Комисијата за заразни болести на Владата ќе ѝ препорача угостителските објекти да го намалат работното време. Кафулињата и рестотаните да работат до 18 наместо до 21 часот како што е во моментов, предлагаат здравствените експерти и тоа од 18-ти овој месец, па до 21 јануари. На тој начин според нив, ќе се избегнат гужви и можност да се организираат поголеми новогодишни прослави во кафеаните.
„Останува во сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во претстојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците“, наведуваат од Комисијата.
Овој предлог угостителите го слушнаа дирекно од комисијата бидејќи беа повикани на денешниот состанок. Оваа препорака според угостителите е избрзана и без никаква анализа. Угостителите се разочарани дека нивните барања не биле слушнати на средбата и бараат за време на новогодишните празници да работат до еден часот по полноќ.
„Ние побаравме, доколку се врати работното време коешто беше валидно пред месец октомври и да се дозволи за Нова Година до еден часот барем да може да се одбележат новогодишните празници и дочекот. Да се испрати старата година достоинствено“, изјави Здравко Јосифовски – независна угостителска комора.
Доколку сепак Владата ги прифати порестриктивните мерки на Комисијата за заразни болести, угостителите бараат дополнително финансиско обештетување од државата. Дополнително на сè, угостителите сметаат дека ниту еден угостителски објект досега не бил извор на ширење на заразата.