ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

8 Март некогаш симбол на борба за правата на жената, денеска за одмор, излети и забава

Некои го критикуваат, други го посакуваат, трети го игнорираат, но се уште 8 Март е празник на кој му се посветува внимание.

Почит, внимание, љубов, па и цвеќе, а не скапоцени подароци. Вака изминатите години одговараат на анкетите македонските жени за единствениот ден во годината, посветен на нив.

Најмногу раце традиционално тријат сопствениците на цвеќарниците, затоа што голем дел од Македонците се’ уште сметаат дека сто денари за една ружа купена во последен момент е доволен подарок да ги изненадат своите сопруги, мајки, пријателки. Оние со подлабок џеб, пак, за празникот им овозможуваат патување на своите жени, најчесто во странство. Вообичаено за 8 Март зголемена е фреквенцијата на граничните премини, особено кон Грција.

Но, значителен број од жените ќе останат дома. Некои заради тоа што сакаат да бидат почитувани цела година, а не само еден ден во годината, а некои оти немаат пари.

Дел од вработените жени, без разлика дали го почитуваат или не, овој празник ќе го искористат како прилика да се изнаиграат во некој ресторан или кафеана, ако нивната фирма е една од ретките кои организираат прослави за вакви празници. Иако во помал обем од порано, во некои од рестораните и кафаните во градот е веќе се резервирано за 8 Март.

Некогаш ден за борба за права, денес за одмор 

Осми Март е Меѓународен ден на жената, со кој се одбележува борбата на жената за подеднакви права и обврски со мажот.

На Социјалистичката интернационала во Копенхаген во 1910 година предложено е одредување на Меѓународен ден на жената со кој треба да се одбележи движењето за правата на жената, а за прв пат тој е одбележан на 19 март 1911. Во 1975 година со Повелба, ОН предложија за Меѓународен ден на жената да се одбележува Осми Март.

Жените на почетокот од минатиот век на масовни собири, претежно во западниот свет, бараа право на работа, иста плата за иста работа, еднакви можности за работа и образование, слободно воспитување на децата и можност за бесплатно згрижување на децата, безбедна контрацепција и легална и безбедна можност за абортуси. После 110 години, тоа е ден кога жената, наместо на протести за борба за поголеми права, се одмора од мажот во друштво на пријателките.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.