ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Џафери: Членството на Западен Балкан во ЕУ дополнително би ја зајакнало Унијата

Ние, како земја кандидат за членство во ЕУ и останатите земји од Западниот Балкан сме вклучени во дебатата за иднината на Европа, со цел да ги потврдиме нашите аспирации за членство, да дадеме придонес за унапредување на европскиот проект и да докажеме дека нашето членство дополнително би ја зајакнало Унијата, рече претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери за време на неговото обраќање во Атина на Конференцијата на претседатели на Парламенти на ПС на Советот на Европа ,јави дописничката на МИА од Атина.

Џафери говореше на сесијата на тема „Заедничката иднина на сите европски граѓани“ и ја истакна важноста на СЕ, рече дека за ефективното третирање на човековите права, демократијата и владеењето на правото, покрај напорите што ги прави секоја земја поединечно, Советот на Европа „е во најдобра позиција да ја развие визијата за заедничката иднина на граѓаните на Европа, бидејќи е во можност да ги вклучи клучните актери на целиот континент и тоа, владите преку Комитетот на министри, парламентите преку Парламентарното собрание, локалните власти преку Конгресот на локалните и регионалните власти, како и невладините организации преку Конференцијата на меѓународни невладини организации“.

-Битно е да мислиме и делуваме во иста линија, да  ги оставиме настрана индивидуалните интереси и да се фокусираме на оние што не спојуваат, што се заедничка и неопходна придобивка за сите граѓани. Да се потрудиме да ја придобиеме или пак вратиме довербата што ја полагаат во нас, како носители на легитимитетот доделен од нив. Задоволни граѓани значи лојални граѓани, лојални граѓани, значи силна држава, силна држава значи силен регион, а силен регион значи силна Европа, истакна Џафери.

Посочи дека Република Северна Македонија, оваа година прослави 30 години од прогласувањето на независноста, 25 години од нашиот прием во Советот на Европа, но и 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен и мировен договор.

-Сè се тоа годишнини кои се знак на нашето растење и зреење, меѓутоа и силна основа за да можеме со задоволство да констатираме дека како земја, постигнавме значителен успех во имплементацијата на вредностите, принципите, целите и стандардите кои се фундаментот на Организацијата, потенцираше претседателот на Собранието на Северна Македонија.

Џафери рече дека сега, кога се чини дека полека излегуваме од пандемиската криза, „време е да направиме преглед каде сме и каде сакаме да одиме заедно во наредните години“, додавајќи дека „имаме одговорност да поттикнеме зголемено демократско учество, со цел граѓаните, а особено младите, да се чувствуваат претставени во политичкиот и економскиот систем кој соодветно треба да одговара на нивните потреби“.

-Како држава, посветуваме големо внимание на прашањето на учеството на младите и затоа, во 2020 година, за прв пат донесовме и Закон за млади, заедно со младински политики со кои се обезбедува широк, инклузивен и сеопфатен пристап за младинското учество со една единствена цел, зајакнување на учеството на младите во процесот на креирање на политиките за нив, нивно активно информирање, промоција и заштита на нивните интереси, како и подигнување на јавната свест за важноста на младите и нивната општествена улога. Покрај тоа, се фокусираме на актуелното постепидемиско закрепнување кое е повеќе од потребно, имајќи ги предвид последиците што ги предизвика пандемијата на здравствените и економските системи на земјите, рече Џафери.

Во неговото обраќање на Конференцијата, истакна дека Северна Македонија се стреми кон „заштитата на новата генерација на права“, односно кон намалување на загадувањето, кон зелените и дигиталните трансформации, како и на поефикасната реакција на климатските промени, а за оваа цел, објасни дека е предвидена посебна програма во буџетот, а земјата се надева и на можностите кои ги нудат меѓународните финансиски институции.

Говорејќи за Советот на Европа, Џафери рече дека повеќе од 70 години, „преку развојот на единствен систем на конвенции, суштински помага да се подобри функционирањето на демократските институции во Европа, да се развие владеењето на правото и да се заштитат и унапредат правата на сите европски граѓани“.

-И денес, кога светот е исправен пред тешки предизвици, Советот е уште понеопходен од кога и да е, за да можеме успешно да ги надминеме нив, и при тоа да избегнеме создавање на нови линии на поделба, за да ја обликуваме заеднички иднината на граѓаните на Европа, во согласност со европските вредности, потреби и очекувања, порача претседателот на Собранието на Северна Македонија.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.