Ќе се пролонгира рокот за замена на личните документи – никој нема да биде казнет!

Граѓаните можат да бидат спокојни, замена на старите лични документи со името Република Македонија тече според предвиденото и никој нема да биде казнет доколку не успее да ги замени до крајниот рок – 12 февруари 2024 година, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Но, според реакциите на граѓаните проблемите со закажување и понатаму се присутни, а првите слободни термини во Скопје се дури во јануари. Жестоките поплаки и критики за неможноста да се добие термин, секојдневно ги има на социјалните мрежи. Граѓаните се во паника дали ќе можат да ги остваруваат своите права со старите документи, бидејќи не веруваат дека за толку краток период ќе можат да се сменат сите. Исто така, реагираат на трошоците кои мора да ги издвојат од домашниот буџет, кои не се мали, а дополнително, стравуваат и од високи казни доколку после првично предвидениот рок, надлежните ги затекнат со стари документи. Токму затоа и изјавата на министерот Спасовски би требало да ја смири паниката.
Министерот Спасовски рече дека летните гужви за вадење документи се вообичаени, но се работи со полна динамика, уверувајќи дека никој нема да биде казнет доколку не успее да ги промени документите во предвидениот рок.– Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните, тоа нема да го направиме, ниту пак да трпат во остварувањето на своите права. Во континуитет, како ќе се одвиваат состојбите, такви одлуки ќе носиме, но, одлуките секогаш ќе бидат во интерес на граѓаните – изјави Спасовски, во обид да ја смири тензијата во врска со законската обрска за промена на личните документи.
Дополни оти сите активности кои ги преземаат се во насока да одговорат на барањата на сите граѓани и истакна дека е важно што изработката на личните документи тече без прекин и во државава и во странство.
– За првпат по 30 години имаме базни станици во дипломатско-конзуларните претставништва кои што можат и таму да вадат лични документи, тоа ја намалува бројката – рече тој.
Министерот препорача дека најважно е сите оние кои што сакаат да добијат термин, или го добиваат, да го почитуваат истиот, бидејќи, како што рече, изместувањето на терминот значи проблем за целиот систем.
– Наредниве денови имаме одредени предлози кои што ќе помогнат во релаксирање на целиот тој систем, ако погледнеме, до скоро, околу еден милион граѓани ги смениле своите документи. Значи динамиката е добра – заклучи министерот, уверувајќи дека според ова успешно ќе се заврши со промената на личните документи.
Но, дел од граѓаните, посебно оние кои живеат во Скопје, и понатаму се жалат дека закажувањето на термин е „невозможна мисија“, а првите слободни термини се дури во јануари догодина. Затоа граѓаните реагираат дека е потребно продолжување на крајниот рок.
„Сите граѓани кои сè уште немаат нови пасоши (повеќе од 1.100.000), за да ги извадат до предвидениот рок секој ден треба да се издаваат по повеќе од 11.000 пасоши. Иста или слична е ситуацијата со личните карти и возачките дозволи. Затоа за да нема непотребни дополнителни нервози, за кои НИЕ граѓаните воопшто не сме виновни, продолжете го рокот до истекот на постојните документи. Ќе Ве разберат и Грците и ЕУ и Калето, барем толку заслуживте како ‘нивни верни послушници’“, коментираше на ФБ, доктор Нико Беќаровски.
Законска обврска граѓаните, до 12 февруари 2024 година, да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото Република Северна Македонија, како што беше наведено од МВР, произлегува од Преспанскиот договор.
Но, според членот 10 од Договорот од Преспа, постои разлика во однос на важноста на документите за надворешна и внатрешна употреба и има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:
„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1, став 3 од оваа Спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа Спогодба. б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш-предвидува договорот што го потишаа Димитров и Коцијас.
Да потсетиме и на ветувањето на поранешниот премиер Зоран Заев од 7 ноември 2018 дека граѓаните нема да бидат изложени на трошоци за вадење нови документи туку промената ќе се врши по истекот на важноста на пасошот, личната карта или возачката дозвола.
– Тоа е согласно Договорот кој тоа го дозволува и им гарантира на граѓаните дека нема да имаат дополнителни издатоци за одредени документи и слично, односно ќе се почитува рокот за истекување на документите, изјави Заев.