ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ќе има ли седница за договорот Бехтел и Енка? ВМРО-ДПМНЕ: Да ни биде даден на увид, а не да го чита некој министер

Опозицијата да предложи на која собраниска комисија ќе се разгледува договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10Д. Ова е ставот по утринската координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери на која што се разговараше за оваа тема, а на која како што е наведено не присуствуваше ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на тоа што договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина тој ќе се разгледува на Комисија која ќе биде затворена за јавноста, се наведува во соопштението по координацијата кај Џафери.

„Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација, опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста.“, велат од кабинетот на Џафери.

Но од ВМРО-ДПМНЕ бараат прво да им се достави договорот и да им се доволно време за разгледување па потоа ќе има седница. Според Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ваквото барање е легитимно бидејќи како што рече веќе е направен преседан со тоа што самиот договор имале можност да го видат 8 пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ кои ги подготвувале измените на законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10Д. Најмалку двајца од нив немале безбедносен сертификат рече Милошоски.

„Ние не бараме договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме. Ако можеле 8 пратеници од ДУИ да имаат увид во договорот а двајца пратеници од тие 8 немаат безбедносен сертификат, тоа ни е проверена информација, тогаш зошто да не можат сите 120 пратеници да го добијат договорот“, изјави Милошоски.

Се огласи и координаторот на ДУИ Арбр Адеми, вели дека ВМРО-ДПМНЕ смислува лаги за да продолжи со своите шпекулации.

„Милошовски лаже. Милошовски дрско лаже. Свесно креира лажни вести и ја става во заблуда јавноста.Ние, група пратеници, поднесовме закони за градбата да трае пократко и поевтино.
ВМРО заедно со Левица ги блокира законите и свесно и намерно ги чинат граѓаните над 150 милиони евра и изгубени уште две години од нивните животи.
Ако бараат изговори за блокирање на законите нека најдат пологична причина, а не да се служат со лаги.“, напиша Адеми.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ да одлучат на која комисија сакаат и кога сакаат да се разгледува договорот. Се надевам дека ќе одлучат тоа да биде побрзо за да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес за државата, велат од СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ да одговори кога конечно ќе кажат на која собраниска комисија да се зборува, да се разгледува договорот за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Јас верувам, по нивната логика дека одолговлекувањето им одговара токму поради тоа што им дава време да продолжат да шират лаги и да шират манипулации но и да нанесат штета и на граѓаните и на државата.“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ постојано излегуваат со критики дека договорот што Владата го склучила со Бехтел и Енка е штетен.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.