Ќе ги замрзне ли државата цените на горивата?
Додека државите во регионот преземаат конкретни чекори да ги заштитат граѓаните од енормниот пораст на цените на бензините, Владата сè уште без конкретен одговор по ова прашање. Хрватската влада, на пример минатата недела ги замрзна цените на горивата во нарените три месеци, додека во Србија, според најавите на властите, промена на цените нема да се случи до пролет, поточно до завршувањето на грејната сезона.
Од нашата Влада за весникот ВЕЧЕР изјавија дека засега немаат никаков предлог за решавање на овој проблем и оти остануваат на ставот дека сè уште е рано да се интервенира. Инаку претходно и министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата може да интервенира преку замрзнување на цените на основните производи, но оти сè уште не е време за тоа.
Бизнис заедницата неодамна реагираше на порастот на цената на енергенсите, меѓу кој и за цената на горивата кои се неизбежна ставка во работењето на компаниите. При што, сосема е јасно дека зголемувањето на цените на горивата ќе ги зголеми трошоците на работењето и цените на прехранбените производи.
Пред пандемијата цените на бензинот беа за 13,5, а на дизелот за 13 денари пониски отколку сегашните. На 9 март 2020 година цената на „еуросупер БС 95“ била 62 денари, а ова гориво сега се точи по цена од 75,5 денари. Цената на „еуросупер БС 98“ била 64 денари, а сега е 77,5 денари. Дизелот пак бил 54,5 денари, а неговата цена сега изнесува 67,5 денари. Она што може да се забележи од објавената структура на цената од страна на Регулаторната комисија за енергетика е дека главниот виновник за поскапувањето е набавната цена. Таа за бензините се зголемила за околу 11 денари, а за дизелот речиси 10 денари.
Анализите покажуваат дека во Македонија цените на горивата се меѓу најевтините во регионот и во Европа, но и просечната плата е меѓу најниските. Така според оваа анализа Хрватска е меѓу најскапите во однос на цената на бензинот која изнесува 1,47 евра и дизелот 1,45 евра. Поскапи се само Албанија и Италија, каде што бензинот чинеше просечно 1,69 евра на 7 октомври, а дизелот 1,54 евра.
Доколку се пресмета во денари излегува дека литар бензин еуросупер 95 е 90 денари, а литар дизел 94,32 денари. Во Северна Македонија цената на бензинот е 1,13 евра, а на дизелот 0,99 евра. Меѓу земјите кои исто така имаат ниски цени на горивата е и Босна и Херцеговина, каде бензинот чини 1,17 евра, а дизелот 1,15 евра. Меѓу земјите во Европа каде горивата исто така се доста поволни се Турција, Молдавија, Украина, Бугарија, Романија и Полска.
За да го заштити стандардот на граѓаните хрватската влада донесе уредба со која на 30 дена се ограничува цената на горивата. Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека ќе ги анализира состојбите и трендовите на светскиот пазар и, доколку е потребно, ќе реагираат односно по истекувањето на едномесечното замрзнување на цените на горивата ќе ја разгледаат можноста за дополнително двомесечно продолжување на мерката колку што им дозволува законот.
Сепак, познавачите коментираат дека Македонија не може да го следи примерот на Хрватска бидејќи пазарот на нафтени деривати таму е целосно либерализиран, додека во Македонија цената на нафтените деривати ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика.
Во Европа, најскапи горива точат граѓаните на Холандија, по кои следуваат Данска и Норвешка, Словенија, Австрија Чешка и Луксембург. Најевтино гориво купуваат граѓаните во Молдавија, Украина, Бугарија, Романија и Полска.